Економија, финансии, бизнис

Контакт

Разговор со Бојана Андоновиќ: Граѓаните сакаат да имаат карикатура со својот лик дома

Разговор со Бојана Андоновиќ: Граѓаните сакаат да имаат карикатура со својот лик дома

Млада девојка со талент и вешти раце е Бојана Андоновиќ од Куманово, студентка на Факултетот за ликовна ументост која во својот град стана позната по цртањето на карикатури. Граѓаните обично сакаат својот лик да го имаат како карикатура и да го чуваат во својот дом за спомен. Андоновиќ редовно посетува работилници на тема уметност, активна е, и вели дека допрва ќе покаже што знае и умее.

Фактор: Колку време се занимавате со уметност?

Од мала ја негувам љубовта кон уметноста и образованието го насочив кон неа. Уметноста ја гледам како начин на живот и нешто што му дава убавина на животот. Со уметноста во себе се раѓаме, подоцна се обликуваме и пронаоѓаме себе си, во одредени мигови може и грешиме и тежнееме кон нешто туѓо, но поривот сепак наоѓа пукнатини низ нас и изглегува на површина.

Фактор: Конкретно во последно време стe посветена на цртање карикатури по нарачка. Има ли интерес, нарачуваат ли луѓето и за кои пригоди, дали за себе, или можеби за подарок?

Посветена сум на повеќе работи, истражувам, работам на неколку проекти и на реализација на некои идеи. Конкретно цртањето на карикатури по нарачка го користам како филтер за комуникација со „публиката” . Општеството денеска е гладно за нешто ново и креативно, за храна за душа, а ние уметниците треба да бидеме среќни што сме благословени и ја имаме таа можност да им ја подготвуваме таквата храна на луѓето. Морам да нагласам дека ми е мило што луѓето препознаваат искреност и го ценат трудот.

Фактор: Колку карикатури досега имате изработено?

Имам изработено доволно за да видам дека можам и да се мотивирам, а од друга страна малку за она колку можам и колку сакам. 


Фактор: Тешка ли е изработката на карикатури и колку време е потребно за една карикатура?

Колку преџвакано и да звучи, она што се сака воопшто не е тешко да се направи. Изработката на една карикатура е процес кој е проследен со низа чувства кои ги пренесувам, низа предизвици од кои се будат нови идеи и тука времето застанува, часовникот отчукувва само минути на задоволство.

Фактор: Од економски аспект може ли да се заработи или во крајна линија да се живее од оваа уметност, од продавање на слики, карикатури?

Уметноста нуди огромен број на можности, како и секоја друга професија колку труд, љубов, посветеност, пред се верба ќе се вложи во неа, таа неизмерно враќа. Веројатно следува прашањето дали е тоа така и овде кај нас, одговорот ми е да, секако. 


Фактор: Од каде пронаоѓате инспирација и мотивација за оваа уметност?

Инспирација пронаоѓам во се околу мене,внатре во себе, во луѓето, природата, книгите, приказните,  историјата, ме инспирираат и навидум ситни нешта, а најголема мотивација ми е сознанието дека имам нешто во себе кое можам да го споделам со општеството и со тоа да допринесам за посреќно секојдневие.


Фактор: Кои се вашите планови за во иднина?

Образованието и усовршувањето на талентот ми се приоритет, а за останатите реализирани планови верувам дека допрва ќе слушнете или подобро кажано ќе видите.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести