РАЗДВИЖУВАЊЕ ЗА ИЛИНДЕН, НО И ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ ВО ШУМИТЕ: Како ова се одрази на туризмот во Крушево?
Во Крушево имаше туристички посети за празникот Илинден, но поради забраната за движење во шумите, пропаднаа параглајдерски натпревари.
Од локалната самоуправа велат дека oваа година е за нијанса подобра од ланската, но е далеку послаба од годините пред пандемијата. Дали и колкав број на туристи ќе имаат до крајот на годината, ќе зависи од состојбата со коронавирусот. Чистиот воздух, убавата природа, музеите, Спомен куќата на Тоше Проески, црквите во градот се работи поради кои луѓето го посетуваат Крушево. Можноста за адреналински спортови ја збогатува туристичката понуда на градот.
„Во однос на 2018 година, имаме намалување за 35 до 40 отсто на посетите. Повеќе гости имаше во последниве два месеци. Крушево најчесто го посетуваат домашни туристи. Дали во зимскиот период ќе има туристи е една големна енигма и прашање на кое немаме одговор“, вели Коста Мицкоски од одделението за локален економски развој во Општина Крушево.
Мицкоски додава дека има зголемување на бројот на легла во приватното сместување во градот, односно има триесетина кревети плус за сместување на туристи.
„Не е дека нема гости, но не може да се спореди со претходните години. Доаѓаат домашни туристи, и тоа најмногу од Скопје. Кога има продолжен викенд или празник, скоро секогаш има гости, но сега не е така, веројатно поради бројот на заболени од коронавирусот кој расте“, велат од апартманите Бубамара во Крушево.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во јуни Крушево го посетиле 883 домашни туристи, а истиот месец имало 83 странски гости. Домашните туристи реализирале 1.865 ноќевања, а странските 155 ноќевања во јуни.
Во мај градот имал 706 домашни гости, кои оствариле 1.351 ноќевање, а 61 странски гост реализирале 128 ноќевања.
Ако се вратиме на почетокот на годината, во јануари градот имал 2.902 домашни посетители, кои оствариле 9.400 ноќевања, а во истиот период 35 странци, а бројот на ноќевања е 72.
Забраната за движење во шуми е укината. Што се однесува до бројот на активни случаи на коронавирусот, во Крушево има 17.
Сања Атанасовска
фото Википедија
