РАТИТЕ КОН БАНКИТЕ НЕ СЕ ПЛАЌААТ УШТЕ ДВА МЕСЕЦИ - за после, тешко е да се каже
Граѓаните имаат уште два месеци да бидат ослободени од плаќање на банкарските рати за кредитите што ги имаат во домашните банки. Од први октомври треба да си подготват средсдтва за да почнат редовно да се раздолжуваат кон банките.
Во јавноста се постави прашањето дали има шанси за ново пролонгирање на кредитните рати. Ова особено ако наесен дополнително се искомплицира состојбата со ширењето на вирисот Ковид-19, што би довело и до нови економски проблеми и отежнување на финансиската состојба на кредитокорисниците.
Неофицијално, досега до банкарите не е пренесена идеја од Владата за ново пролонгирање. Банкарите досега таква информација не добиле, иако не исклучуваат дека е можно за таква работа да се разговарало во владини кругови.
Според банкарите, во овој момент нема услови да се предвидува развојот на настаните. Еве што велат тие преку својот еснаф.
„Македонската банкарска асоцијација и нејзините членки активно ја следат економската состојба во државата и максимално се заложуваат преку своето работење да дадат поддршка за македонската економија, како во периодот на корона-кризата, така и во посткризниот период, придонесувајќи за нејзиното опоравување.
Доколку во натамошниот период, околностите поврзани со пандемијата на Ковид-19 наметнат потреба од нови активности, членките на Македонска банкарска асоцијација ќе ја разгледаат можноста за понатамошна помош на населението и стопанството во услови на пандемија. Во овој момент нема услови да се предвидува развојот на настаните и да се коментираат следните активности.
Македонската банкарска асоцијација е целосно посветена на изнаоѓање на решенија за надминување на проблемите предизвикани од оваа криза“, велат од Македонската банкарска асоцијација.
Од Народната банка, пак, која е регулатор на банките, велат дека пролонгирањето важи до септември, а ако биде потребно, ќе се разгледа можноста оваа мерка да биде продолжена.„Народната банка постојано ги следи развојот на случувањата поврзани со пандемијата на Ковид-19 и потенцијалните ризици од окружувањето, како и ефектите врз домашната и врз глобалната економија. Притоа, сме подготвени соодветно да ги приспособуваме политиките и навремено да реагираме во согласност со нашите надлежности.
Истовремено, постојано го следиме и квалитетот на кредитното портфолио на банките и штедилниците, остварувајќи ја нашата цел за одржување на финансиската стабилност и определбата за стабилен и сигурен банкарски систем. Регулаторните измени со коишто се овозможи олеснување на финансискиот товар на засегнатите кредитокорисници, за банките и штедилниците важат до крајот на септември, но ако биде потребно, ќе се разгледа можноста нивната важност да биде продолжена“, се вели во образложението од монетарните власти.
А банките, бидејќи тоа веќе им го дозволуваат законските услови, од денеска ќе почнат со блокирање на сметки за кредити кои граѓаните не ги плаќале пред да почне корона кризата.Инаку, кога почна корона кризата, дури 70 отсто одграѓаните во земјава одлучија дека сакаат да им биде замрзнато плаќањето на кредитните рати, и за тоа ги известија банките.
За периодот на одложувањето тие не се ослободени од каматата, но не ја плаќаат сега, туку таа ќе им се распореди потоа до крајот на отплатата на заемот.
Анализите на банките покажале дека граѓаните повеќе ги одложиле потрошувачките кредити, а помалку станбените, односно нив решиле да продолжат да си ги исплаќаат и покрај корона кризата.
Н.Н.Ф.
