Расте крвавиот биланс - Уште четворица млади загинаа во сообраќајни несреќи
Неверојатно крвав викенд на Македонските патишта. По вест за загинувањето на повозрасен брачен пар од Делчево чии снаа и зет исто така се тешко повредени, стигнуваат уште две вести за загинати, овој пат уште четворица млади луѓе на магистралата Штип – Кочани – Делчево.
Рано утрово нешто пред два часот, во директен судир помеѓу автомобил марка Сеат Кордоба со кочанска регистрација и автобус, што превезувал 50 мина туристи на одмор за Грција, на лице место загинале двајца од петтемина млади момчиња на возраст од 23 до 28 години, кои биле во Кордобата. Третиот им подлегнал на повредите во Клиничката болница во Штип. Останатите се здобиле со телесни повреди. Увид надлежните истражни органи од Кочани вршеа до рано утрово. Истрагата за тешката трагедија е во тек.
Во исто време, кај местото викано Виничка крстосница, откако загубил контрола врз автомобилот марка Фолксваген пасат, 20 годишен виничанец го загубил животот слетувајќи со возилото во коритото на реката Брегалница.
Граѓаните на Источна Македонија се во шок по крвавиот ден и досега не паметат толку многу жртви одеднаш проголтани на опасните патишта.
