РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА СТАН ПОКРАЈ МОРЕ: Балканци сè почесто купуваат имот во Грција
Грција продолжува да привлекува купувачи од регионот, а сè повеќе Балканци одлучуваат да инвестираат во недвижности покрај море. На медитеранскиот пазар вниманието сè поинтензивно е насочено кон оваа земја, каде побарувачката за домување бележи континуиран раст во последните години.
Дискусии на социјалните мрежи, меѓу кои и на Reddit, покажуваат дека интересот за купување имот во Грција расте поради комбинацијата од квалитет на живот, туристички потенцијал и релативно поповолни цени во споредба со дел од другите европски дестинации.
Според пазарните проценки, цените на станбените недвижности во Грција во 2025 година пораснале за околу 7,7 проценти на годишно ниво. Најголема активност има во урбаните центри, особено во Атина, каде побарувачката за купување и инвестирање е најизразена.
Најбарани се станови со површина од 60 до 100 квадратни метри, кои најчесто се продаваат во ценовен опсег од 100.000 до 200.000 евра, во зависност од локацијата, староста на објектот и инфраструктурата.
Во централните и атрактивни делови на Атина, цената по квадратен метар често надминува 3.000 до 4.000 евра, додека на периферијата може да се најдат станови за околу 2.000 евра по квадрат. Во Солун, и понатаму е вообичаена практика преговарањето, па одредени понуди се движат од три до седум проценти под првичната цена.
Во помалку развиените региони, особено во северозападна Грција, квадратен метар може да се најде и под 600 евра, но овие локации најчесто имаат послаба инфраструктура и ограничен урбан развој.
Аналитичарите оценуваат дека грчкиот пазар влегува во фаза на стабилизација. Иако цените и натаму растат, темпото постепено се забавува поради високите градежни трошоци и ограничената понуда на нови станови. Истовремено, зголемената побарувачка од странски купувачи, вклучително и од Балканот, дополнително врши притисок врз пазарот.
Како изгледа процесот на купување?
Експертите препорачуваат ангажирање лиценцирана агенција за недвижности, чија провизија најчесто изнесува околу два проценти од вредноста на имотот. По договорената цена, задолжително се ангажира адвокат кој ја проверува правната состојба на имотот – имотен лист, евентуални хипотеки или долгови.
Странските купувачи мора да обезбедат грчки даночен идентификациски број (AFM), кој е неопходен за сите правни и финансиски трансакции. Постапката трае релативно кратко, а потребно е и отворање банкарска сметка во Грција. Финансиските институции внимателно го проверуваат потеклото на средствата што се користат за купување.
По правната проверка се потпишува преддоговор, со кој купувачот обично уплатува депозит до 15 проценти од вредноста на имотот. Процесот на проверка на сопственоста трае од 10 до 15 дена, а вообичаено депозитот не се враќа доколку купувачот се откаже, освен ако продавачот не ги исполни договорените услови.
Грчкиот пазар останува привлечен за Балканците поради стабилниот раст на цените и силниот туристички потенцијал, но експертите предупредуваат дека купувањето бара внимателна подготовка и ангажирање стручни лица за да се обезбеди правна и финансиска сигурност.
Бизпортал