Економија, финансии, бизнис

Контакт

РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА ИЗУЧУВАЊЕ НА ЗНАКОВНИОТ ЈАЗИК: Во државата се потребни повеќе толкувачи

РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА ИЗУЧУВАЊЕ НА ЗНАКОВНИОТ ЈАЗИК: Во државата се потребни повеќе толкувачи

Во Македонија се зголемува интересот за изучување на знаковниот јазик, а истовремено има и потреба од поголем број толкувачи кои ќе им помогнат на глувите и наглуви лица во нивното секојдневно функционирање. Од Сојузот на глуви и наглуви на Република Северна Македонија објаснуваат дека овие обуки се бесплатни, а едно лице за да може да го совлада јазикот и да работи, ќе му требаат минимум три години.

„За да се стекнат заинтересираните лица со сертификати, треба да поминат 6 нивоа. По секое ниво, одат на проценка пред комисија и добиваат диплома. Со таа диплома не се сертифицирани и доволно обучени за да излезат на терен и да толкуваат. Времетраењето на тие 6 нивоа е две до три години. Годишно се поминуваат две нивоа, горе-долу. Има интерес за изучување на знаковниот јазик. Има зголемување на пријавените. Најчесто се пријавуваат луѓе кои во потесното семејство имаат глуво или наглуво лице и имаат потреба да го учат јазикот, но во последнава година се пријавуваат луѓе што немаат допирни точки и тоа нè радува. За почетно ниво, односно нови заинтересирани лица, имаме групи по 15 до 18 лица. Помалку луѓе во помала група подобро го учат јазикот. Годишно сигурно имаме две до три групи за почетно ниво. Имаме луѓе од различни возрасти, тука нема ограничување. Може да бидат деца од основно па сè до луѓе на возраст од 50-60 години. Тие ни се посетители, ги има од најразлична возраст“, вели Лиза Велкоска, генерален секретар на Национален сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија.

Сите заинтересирани можат да се пријават  телефонски во Сојузот или по мејл. Групи фармацевти имаат посетувано обуки, како и лица од институции затоа што се во контакт со глуви и наглуви лица.

„Има и градови што немаат толкувачи за знаковен јазик. Помалите градови немаат толкувачи. Во тој случај праќаме толкувач од најблискиот град. Обуките што ги спроведуваме и поддршката оди преку МТСП. Обуките се бесплатни. Но, доколку има потреба луѓето да доаѓаат од други градови, во тој случај патните трошоци се на нивни товар. Имаме 35-36 сертифицирани толкувачи во нашата држава, реално има потреба и треба да се зголемува бројката. Имаме потреба во институции, клинички центри, во сите области од живеењето да има толкувачи, при водење деца во градинка, на родителски состаноци им требаат толкувачи. Јазикот е малку специфичен, се работи за знаковен јазик, но доколку се сака, може да се научи. Желбата е многу важна. Глувите лица во државите во регионот си имаат свои знаковни јазици. Знаците се различни од држава во држава, но и кај нив има интернационален знаковен јазик со поупростени знаци, појасно разбирливи знаци, на меѓународни состаноци да можат да се разберат“, рече Велкоска.

Има и кол центар кој преку видео повик итно им помага на глувите и наглуви лица. Од Сојузот на глуви и наглуви велат дека имаат 19 здруженија низ целата држава, а во земјава има околу 7.000 глуви и наглуви лица, а потполно глуви се околу 4.500 луѓе. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести