Расте бројот на заболени од малите сипаници кои во земјава доаѓаат од Косово
Расте бројот на заболени од мали сипаници во земјава. Ова го покажуваат податоците објавени на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) каде се пријавени нови 9 заболени лица пред неколку дена со што бројот се искачил на 17 случаи.
Податоците покажуваат дека епидемијата чии корени се од Косово се регистрирани на територија на Дебар а најголем број – 12 заболени се пријавени во јули месец, и сите се во меѓусебна епидемиолошка врска и се жители на Дебар, со исклучок на една жена која е жител на Охрид, но секојдневно патува во Дебар каде што работи.
Од почетокот на годината до денес, во земјава се регистрирани 28 случаи на мали сипаници , од кои 20 (71,4%) се класифицирани како потврдени случаи на мали
сипаници (лабораториски конфирмирани), 7 се класифицирани како веројатни случаи (со епидемиолошка врска) и еден е можен случај, кој исполнува само клинички критериуми.
„Од заболените во епидемијата за 10 лица има лабораториска потврда, 7 се со утврдена
епидемиолошка врска. За 4 лица сéуште се чекаат конечните лабораториски анализи.
Најголем број од заболените лица во епидемијата (9) се вакцинирани со една доза, 3 лица вакцинирани со две дози, 4 се невакцинирани, а едно лице е со непознат вакцинален статус“ - велат официјалните податоци.
- Да се продолжи со засилен епидемиолошки надзор. Секој случај на мали сипаници кој исполнува клинички критериуми епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира. Да се анимираат матичните лекари и педијатри да ги пријавуваат сите сомнителни случаи до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје, во рок од 24 часа по дијагнозата да го упатат пациентот на преглед кај специјалист инфектолог - се препораките од ИЈЗ.
Епидемиолозите потенцираат дека сите лица што имаат мали сипаници мора да се однесат во болница.
Од морбили се заштитени само лицата кои примиле две дози на вакцината ММР - првата се прима со навршена една година, а ревакцинацијата е на шест години, кога децата тргнуваат во училиште. Оној што не вакциниран или е вакциниран само еднаш, не е заштитен од заразата. Но ММР е вакцината што родителите најчесто одбиваат да им ја стават на своите деца. За да се заштити населението, потребен е опфат на вакцинација над 95 отсто, како што препорачува Светската здравствена организација.
Епидемијата, која во октомври почна од Косово, продолжи во Србија и во Црна Гора, со што во регионот има околу 5.000 заболени од оваа заразна болест и десетици смртни случаи.
