РАСТЕ БРОЈОТ НА ДИЈАБЕТИЧАРИ - една од причините е нездравата храна
Расте бројот на заболени од дијабетес во земјава. Стареењето на популацијата, урбанизацијата, и нездравата храна се дел од причините.
Денеска претседателот Стево Пендаровски се сретнал со претставници на Здружението на лица заболени од дијабетес „Шеќерче – Лолипоп“ од Велес и на Сојузот на Здруженија на дијабетичари на Македонија.
За претставниците на здруженијата, загрижувачки е податокот дека бројот на заболени од дијабетес во земјава е во пораст.
Од 120.000 пациенти со дијабетес, 40.000 примаат инсулинска терапија, а зголемениот број на заболени од дијабетес тип 2 е резултат на забрзаното темпо на урбанизација, стареењето на популацијата, седечки начин на живот, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност и поголем внес на нездрава храна.
Мора да се подигне јавната свест за дијабетесот, но и да се обезбеди едукација и подобри здравствени услуги за лицата со дијабетес.
Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, нагласил дека е важно да се работи на унапредување на достапноста на третманот и воведување иновативна терапија од страна на релевантните здравствени установи, како и подобрување на здравствените услуги, со цел да им се овозможи поквалитетен живот на нашите граѓани кои се соочуваат со дијабетес.
