Економија, финансии, бизнис

Контакт

РАСТАТ ЗАШТЕДИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ, ВО БАНКИТЕ ДЕПОНИРАЛЕ 7,4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА - растат и кредитите, најмногу се бараат станбените

РАСТАТ ЗАШТЕДИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ, ВО БАНКИТЕ ДЕПОНИРАЛЕ 7,4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА - растат и кредитите, најмногу се бараат станбените

Продолжува трендот на раст на депозитите и на кредитите кои граѓаните и компаниите ги депонираат или позајмуваат од комерцијалните банки во земајва. 

Депозитите на населението достигнуваат високи 7,4 милјарди евра, додека пак заедно компаниите и граѓаните во банките депонирале скоро 11 милјарди евра.

Според најновите податоци за монетарните движења на Народната банка на Македонија, паричната маса во земјава пораснала за 1,8 отсто во однос на претходниот месец, најмногу поради зголемените пари на сметки и краткорочните штедења. Во споредба со истиот период лани, во оптек има речиси 10 проценти повеќе пари. Растот доаѓа од поголемите заштеди на граѓаните и фирмите, како и од зголемените средства што се чуваат во банките.

Граѓаните и компаниите во јуни вкупно имале 2,1 проценти повеќе депозити во банките. На годишно ниво, штедењето е зголемено за 9,9 отсто. Најголем придонес имаат домаќинствата, односно граѓаните кои продолжуваат да ги зголемуваат своите заштеди.

Бројките откриваат дека граѓаните во банките чуваат вкупно 7,4 милјарди евра. 

Имено, според НБРСМ вкупно во банките граѓаните и компаниите депонирале 10,99 милијарди евра. 

Ова значи дека компаниите во банките чуваат многу помалку пари отколку граѓаните. Грубо нивните заштеди изнесуваат над 3 милијарди евра.

Од друга страна, расте и задолжувањето. Вкупните кредити во јуни се зголемиле за 1,4 отсто во однос на мај, а во споредба со јуни минатата година се повисоки за 13,1 проценти.

Компаниите во јуни земале повеќе кредити, а нивното задолжување на годишно ниво е зголемено за 14,2 проценти. Растот главно се должи на поголемото користење кредити во денари, но има зголемување и кај кредитите во странска валута.

Кредитите на граѓаните пораснале за 1,3 отсто во еден месец, а на годишно ниво за 12,1 проценти.  Најголем дел од новото задолжување е во денари.

Бројките говорат дека вкупните кредити кои ги подигнале компаниите и граѓаните од комерцијалните банки во земајва изнесуваат 9,61 милјарда евра. 

Притоа, само компаниите должат 4,78 милијарди евра, додека пак граѓаните должат малку повисока сума или 4,79 милијарди евра. 

Најголем интерес граѓаните покажале за станбени и потрошувачки кредити. Станбените кредити во јуни пораснале за 1,6 отсто месечно и 16,6 проценти годишно, додека потрошувачките кредити се зголемиле за 1,5 отсто месечно и 11,8 проценти на годишно ниво.

Автомобилските кредити овој месец се намалиле за 0,6 отсто, но споредено со лани сепак имаат раст од 7,8 проценти. Кредитите преку кредитни картички бележат мал месечен раст, но на годишно ниво се намалени за 4 отсто.

П.О.

Слично

Поврзани вести