РАСПРОДАДЕНА ТРЕТАТА ЕМИСИЈА НА КОРПОРАТИВНИТЕ ОБВРЗНИЦИ НА ТТК БАНКА – еве кој инвестираше во долгорочни хартии од вредност
Познати се инвеститорите во нови корпоративните обврзници од третата емисија на обврзници кои ги издава ТТК Банка АД Скопје. Станува збор за издадени долгорочни должнички хартии од вредност како капитален инструмент (капитална обврзница) кои ќе се користат за зголемување на капиталот на Банката.
Сите планирани обврзници се распродадени и за истите сопствениците имаат право на камата.
Вкупната вредност на емисијата е еден милион евра, а целта за која се издаваат е зајакнување на капиталната сила и на вкупниот финансиски потенцијал на Банката, со што таа планира да ги оствари планираните бизнис цели утврдени во Деловната политика и финансискиот план за период 2025 – 2027.
Како што објави ТТК Банка, нови сопственици на корпоративните обврзници се Павлинка Трповска, Бобан Гоговски, Ивана Гоговска, Лоди Гоговска, Драгица Јовановска, Томе Волкановски, КБ Инвест АД Скопје Звонимир Ристоски, Елисавета Галиц, Христијан Трифуноски, Игор Андонов, Златко Черепналкоски, Михаил Петковски и Душко Мишески.

- Каматната стапка на долгорочните должнички хартии од вредност како капитален инструмент ќе изнесува 5 отсто, фиксна за целиот период. Пресметката и исплатата ќе се врши еднаш годишно во денарска противвредноста, сметано од денот на настанатиот прилив на парични средства на Банката. Висината на каматата нема да се менува во зависност од кредитната способност на Банката или нејзиното матично лице – се потенцира во Одлуката за издавање на корпоративната обврзница.
Инаку првата исплата на каматата ќе започне по истекот на 12 месеци од денот на приливот на парични средства во Банката, а ќе заврши по истекот на шест години. Главницата ќе се исплати во целосен износ заедно со последната исплата на каматата, односно по истекот на шест години од датумот на прилив на парични средства во Банката.
П.О.