Распишан конкурс за идејно решение за Јака во Илинден
Конкурс за избор на идеен проект и изработка на основен проект за изградба на семејни станбени куќи на локалитетот Јака, распиша општина Илинден.
Според критериумите ќе се врши избор на четири најповолни идејни проекти за станбени објекти, согласно кои ќе се изработат и основни проекти, а кои бесплатно ќе им бидат понудени на сите оние што обезбедија парцели за изградба на семејни куќи во новата населба.
Задачата на учесниците на конкурсот, како што се наведува, е користејќи ги елементите од современото и традиционално наследство применливо во современата пракса на проектирање и изградба да предложат соодветни модели на семејни станбени куќи со површина од 70-80м2, од 80-100м2, од 140-160 м2 и од 160-200 м2.
Најдобро рангиранте учесници ќе бидат наградени со вкупен паричен фонд со награда од 120.000,00 денари. Наградата ќе биде обезбедена од буџетот на општината.
На инвеститорите ќе им бидат понудени четири типа на проекти за куќи со различни димензии, без никаков надоместок во постапката за издавање одобрение за градење. Со прифаќање на еден од овие четири бесплатни проекти општина Илинден им овозможува на инвеститорите да заштедат до 1.000 евра колку што обично чини изработката на ваквите проекти. Инвеститорите, пак, кои што нема да се одлучат за избор на еден од понудените проекти ќе треба да изработат проекти согласно позитивната законска регулатива и дозволените архитектонско-урбанистички параметри за своја сметка, стои во соопштението од општина Илинден.
