Рашковски понудил половина милион евра за да излезе од притвор: Обвинителите прифаќаат
Вишото јавно обвинителство Скопје се согласува Драги Рашковски да излезе од притвор со гаранција, потврдиле за „360 степени“ од Обвинителството. Тој поднесе жалба на продолжувањето на мерката притвор против него во втората половина на мај од страна на Кривичниот суд во Скопје. Инаку за медиумот од Обвинителството рекле дека се нуди гаранција од околу 500.000 евра.
„Ве известуваме дека Вишото јавно обвинителство Скопје, по предметот оформен по поднесена Жалба на обвинетиот Д.Р. со понудена гаранција, до Апелациониот суд Скопје согласно законските надлежности достави писмен предлог со кој му се предлага на Судот да ја уважи жалбата на обвинетиот, да ја прифати понудената гаранција во висина од 30.686.215.00 денари и да ја замени мерката притвор со понудената гаранција“, велат од ЈОРМ за „360 степени“.
Тоа што Вишото обвинителството се согласува Рашковски да излезе од притвор не значи и дека тоа на крај ќе се случи. Обвинителството само дава мислење, а одлуката ја носи судот. Во случајот, надлежен за конечната одлука е Апелацискиот суд во Скопје кој треба да одлучи по жалбата.
Против Драги Рашковски во моментов се водат две истраги. И двете се за спроведени тендери, при што се купени добра што никој ниту ги барал ниту, пак, ги користи. И во двата случаи, тоа што генералниот секретар Драги Рашковски го купил, претходно го имал патентирано иноваторот Драги Рашковски.
