Рашковски денеска ќе се обиде да ја расчисти аферата „Леонардо“
Драги Рашковски, генералниот секретар на Владата, денеска точно напладне ќе обелоденува свои аргументи дека не е вмешан во никаква тендерска афера за набавка на радарски систем за летање за потребите на Македонска навигација (М-НАВ), откако беше објавен аудио разговор со транскрипт во јавноста.
Опозицијата го обвини дека интервенирал во јавна набавка за која нема ингеренции, додека Рашковски истакна дека станува збор за нецелосно објавен разговор со кој јавноста лажно се наведува од поранешниот директор на М-НАВ, Климент Чепуњовски, кој бил, како што вели тој, незадоволен од целата ситуација.
ВМРО ДПМНЕ до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, како и докази за негова наводна вмешаност во местење на тендер за опрема за „Македонска Навигација“ (М-НАВ) истиот да го добие италијанската компанија „Леонардо“.
„Информациите кои излегоа во медиумите укажуваат дека Рашковски доделува тендер
на италијанската компанија Леонардо за набавка на систем за управување со
воздушниот простор во вредност од 7 милиони евра, иако важноста на тендерската
документација е истечена, спротивно на заклучокот на владата, како и во спротивност
со одредени законски решенија, за кои како што се вели во снимките требало да бидат
сменети. Постојат сериозни индиции дека Рашковски сторил кривично дело
Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 според кое му се
заканува казна затвор од најмалку 5 години“, изјави Иванка Василевска, член на
Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ која ја достави пријавата до Јавното
обвинителство.
Рашковски на денешната прес-конференција ги повика Чепуњовски и Василевска, како и Горан Момировски, новинарот кој го објави разговорот. Тој додаде и дека „Бројот на прашањата кои тие сакаат да го постават е неограничен“.
Според Рашковски, се работи за снимен разговор од состанок со претставници на МНАВ, италијанската компанија Леонардо и претставник од Министерството за транспорт и врски.
