Економија, финансии, бизнис

Контакт

Рангелова повторно гласна во Собранието, не очекува да биде кандидат за пратеник

Рангелова повторно гласна во Собранието, не очекува да биде кандидат за пратеник

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, која заради несогласувања со актуелното раководство лани поднесе оставка од претседател на Унијата на жени на партијата, а извесен период не беше премногу активна во Собранието, сега повторно како да се враќа на „сцена“.

Во последниве денови, особено додека траеше расправата за буџетот за идната година, таа во повеќе наврати се појави на собраниската говорнца, со жестоки критики за економските политики на актуената владејачка гарнитура, онака како што јавноста го памети нејзиниот стил и остар тон.

Лани во октомври Рангелова поднесе оставка од претседателското место од Унијата на жени на партијата, нагласувајќи дека причини за тоа се нејзиното несогласување со политиките на актуелното раководство на опозициската партија.

Таа тогаш кажа дека и покрај несогласувањата со раководството на партијата, останува дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Рангелова е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник и поранешен советник во Општина Центар. Таа е една од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа да гласаат на референдумот на 30 септември, за разлика од најголем дел од раководството и членовите на оваа партија, кои го бојкотираа плебисцитарното изјаснување.

Рангелова во Собранието гласаше против пристапувањето кон уставни измени согласно Договорот од Преспа.

На почетокот на ноември годинава беше забележана од медиумите откако ги искара малите партии дека приредуваат фарса, со барањето да се смени изборниот модел во една изборна единица, ама не за парламентарните избори напролет, туку за следните, локални избори.

„И вие калкулирате, убаво ви е кога ви е загарантирано топлото коалициско столче. Му се додворувате на премиерот Заев. Да беше сега тука Мицкоски со малите партии, ќе кажеа браво Мицкоски, мнозинскиот систем е најдобар што вие го предлагате.Сега е време, а не за локалните избори. Веднаш треба да го отвориме Изборниот законик и да се видиме на дебата во Собранието. Во спротивно, ова е фарса и благодарам, другпат не доаѓам“, им кажа Рангелова на малите партии застапени со по еден-двајца пратеници во Собранието, од кои тргна Иницијативата за една изборна единица.

Тогаш појасни дека за ова не била пратена од лидерот на партијата Христијан Мицкоски, туку дошла сама. За двете големи партии рече дека тие се претставуваат за демократски, но граѓаните се измориле од двопартискиот систем. „Видете ги анкетите, 40 отсто од граѓаните не сакаат да излезат да гласаат“, рече Рангелова.

Неколку дена подоцна, пак, Рангелова во дебатна телевизиска емисија изјави дека „не се согласува со политиките на ВМРО-ДПМНЕ, и со тоа - не очекува да биде дел од кандидатите за пратеници“. Нагласи и дека смета оти нема демократја во партијата, а внатре имало заткулисни игри.


Слично

Поврзани вести