Економија, финансии, бизнис

Контакт

Рамковски се врати на „Перо Наков“ - Како беше уништена А1?

Рамковски се врати на „Перо Наков“ - Како беше уништена А1?

Велија Рамковски, по 7 години се врати на старата позната адреса на улицата „Перо Наков“, каде некогаш беше лоцирана неговата позната телевизија. Тој утре ќе влезе повторно во телевизијата каде ќе се сретне со поранешните колеги за да потсети што му беше сторено од претходната власт и што ќе прави понатату.

На 25 ноември 2010 година во А1 упадна полицијата со голема сила под наводни тврдења за обезбедување на припадниците на финансиската полиција кои вршеа контрола. 

Набргу целата состојба ескалираше, приодот кон објектот на Рамковски беше блокиран, новинарите на А1 во живо емитуваа што се случува во нивната медиумска куќа, полицијата засилено се подготвуваше и за можни судири. Како во бранови стигнуваа група на граѓани кои беа вознемирени од тоа што го гледаа на малите екрани, па се собраа пред телевизијата да и дадат поддршка. 

Во студиото додека одеа вестите исто така се собираа се поголем број на новинари, политичари, личности од естрадата, експерти и аналитичари кои беа согласни дека почнува обидот на власта на Груевски да ја замолчи А1 која во тоа време прерасна во најголем критичар на неговото работење и владата на ВМРО-ДПМНЕ. 

Еден од најтешките моменти дотогаш со што практично и почна големата политичка криза, големиот раскол во општеството од кој и до денес се обидуваме да ги излечиме раните. Тогаш се активираа и останатите телевизии но, со контра гости кои го напаѓаа медиумот на Рамковски како пристрасен и необјективен иако и тие самите сосема јасно заземаа страна. 

Следеше истрага во која Рамковски беше обвинет за финансиски измами со злосторничко здружување заедно со уште десетина водечки луѓе од телевизијата, останатите негови фирми, но и од неговото семејство. 

Рамковски подоцна беше уапсен на спектакуларен начин, новинарите на А1 уште кратко водеа програма во живо, вестите се водеа на булеварот пред Владата, па дури и Груевски изненадно им дојде на „дебата“, за потоа телевизијата да се затвори.

Телевизијата која имаше највисок рејтинг пред 7 години, најголема доверба кај гледачите, како и квалитетна програма со одлична маркетинг соработка, денес личи на руина со пропаднат објект, расфрлани документи и тотален хаос во имотот.

Заедно со А1 беа затворени и останатите медиуми од печатената групација кои ги помагаше Рамковски. Тој одлежа 7 години во затвор од изречените 12 и сега е на медицински отпуст.

Автор: Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести