Рамадани му одговори на Мицкоски по заканата дека ќе го разреши: Има нешто поважно од јавната функција!
Хаким Рамадани, кандидат за градоначалник на Брвеница од ВЛЕН кој повика Албанците во вториот изборен круг да гласаат здружено и заедно со луѓе од ДУИ агитира во странство помеѓу иселениците, на премиерот Христијан Мицкоски му одговори дека има нешто што му е побитно од јавната функција.
Мицкоски, како голема грешка ја оцени изјавата на Рамадани за етничко гласање и најави негово разрешување од позицијата директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
„Честа, моралот и достоинството вредат повеќе од која било јавна функција.
Работев 17 години во Општина Брвеница – мултиетничка општина, каде што живеат и работат граѓани од сите заедници. Сите што ме познаваат знаат кој сум и каков човек сум. Не ме интересира што велат порталите за кликови и провокации, особено Инфомакс, кој ја започна оваа провокација за пресметки во други општини. Важно е да бидете искрени со себе, бидејќи начинот на кој медиумите го пренесуваат тоа е нешто друго. Нема да ја дадам мојата општина за никаква цена, ќе го заштитам секој жител на мојата општина, без разлика дали е Албанец, Македонец или друг народ што живее во општина Брвеница, одговори Рамадани.

Повиците за етничко гласање и обединување на Албанците преку гласање на кандидат Албанец, независно од партиската припадност меѓу двата изборни круга, се сериозна закана за владината коалиција меѓу ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН. Претходно Билал Касами, кој е кандидат на ВЛЕН за Тетово во вториот круг, во телевизиска дебата рече дека Албанците треба да гласаат за Албанци и го спомена Кичево, каде противкандидати се од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ/АКИ.
Премиерот Мицкоски веќе најави дека по изборите ќе следи мала реконструкција на Владата.
