Рама за МТВ2: Со Италија сме тесно поврзани, со Македонија нема да има размена на доктори
Албанскиот премиер Еди Рама во изјава за вториот канал на македонската државна телевизија рече дека Албанија испратила 30 медицински сестри и доктори во Италија затоа што двете земји, како што вели тој, се историски тесно поврзани.
„Јас објаснив и повторив дека за нас тоа беше природен и неопходен чин бидејќи Италија е и наш дом, дом на многу Албанци, и на некој начин на сите Албанци затоа што ние историски сме тесно поврзани со Италија“, рече Рама.
Тој додаде дека каква било соработка со државите во регионот, вклучително и Македонија, за размена на медицински персонал не е планирана.
„Нашите министри за здравство се во постојана комуникација, тие разменуваат информации, мислења, но повеќе од тоа не можеме да направиме и не гледам што би можеле да направат другите“, вели Рама.
