Рама: Не се мешав во внатрешните работи на Македонија, само им потпомогнав на албанските партии
Во интервју за влијателниот американска магазин „Политико“ премиерот на соседна Албанија вели дека „Тиранската платформа“ е мит креиран од македонските политичари со лош вкус.
Еди Рама порачува дека Европа ќе доживее кошмар ако Балканот полуди поради одложувањето на ЕУ-агендата и стане сива зона во која други „актери“ ќе имаат поголемо влијание од ЕУ.
Ставот на Рама е контра обединување на Албанија со Косово, но дека и тоа не е исклучено ако ЕУ-интеграциите на регионот останат на сегашното ниво, зашто, како што вели, „никој не сака мали унии и сите сакаат да се обединат во голема унија“, како и дека „ако нема надеж, нема перспектива, нема простор, се разбира, може да се случат и мали унии“.
Тој е категоричен дека не се мешал во внатрешните работи на Македонија туку дека тој само ја потпомогнал средбата на албанските партии
„Има мит создаден во Скопје за политички цели дека албанските партии следат платформа напишана во Тирана. Тоа е лага, мит, креиран од политиката со многу лош вкус. Нападот на платформата е опасен, бидејќи тоа е политика која разгорува поделби, а не заедништво… Последната работа што ѝ е потребна на Македонија, последна работа што на сите ни е потребна, би била разгорување на меѓуетнички конфликт бидејќи овие работи тешко се контролираат“, дециден е Рама за „Политико“.
Албанскиот премиер додава дека Албанците во Македонија имаат „целосно право да бараат еднаквост со нивните македонски браќа“, а платформата бара права и слободи кои се запишани во Охридскиот договор.
