Рама: Бујар Османи беше неверојатен во Мадрид со упорноста и тврдоглавоста
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во интервју за Канал 5 денеска упати пофални зборови за министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој според шефот на албанската влада, бил неверојатен на Самитот на НАТО во Мадрид во постигнувањето на францускиот предлог.
- Видете, јас ја следев целосно тешката работа која беше направена, особено во Мадрид за да се задоволат грижите на македонската страна и можам да ви кажам дека Претседателот Макрон ја стави цела своја тежина во 48 часа, дење – ноќе и благодарение на мојата добра врска со него, но и благодарение на Бујар Османи, кој беше неверојатен во неговото трпение, издржливост, и тврдоглавост, новиот предлог кој е финален, морате да разберете дека е финален излезе и јас силно верувам дека тоа е вистинскиот момент и е апсолутно во ред да се прифати и да се отвори оваа врата, вели Рама.
За Рама, францускиот предлог е финален и ќе нема друг за Македонија доколку сака да продолжи на патот кон ЕУ.
– Ви велам, прифатетет го, зашто нема да има друг предлог. Тоа е финален. Не ви треба да останете пред вратата на ЕУ уште 17 години. Вратата треба да се отвори и на тој начин ќе може да се дебатира за сите прашања преку дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија. Отворете ја оваа врата, отворете ја сега, порача Рама во интервју за Канал 5.
