РАКОМЕТАРИТЕ БЕГААТ ОД БРОДОТ КОЈ ТОНЕ: Вардар во финансиска криза, заминаа Атман и Кристопанс
Ракометниот клуб Вардар се наоѓа во финансиска криза, а како последица на големите проблеми, играчите на тој клуб почнаа да го напуштаат „бродот кој тоне“.
Рускиот ракометен репрезентативец Павел Атман и Летонецот Даинис Кристопанс ја напуштија екипата.
Атман веднаш потпишал со Спартак од Москва, а Кристопанс за Фуксе Берлин.
Летонскиот ракометар во Берлин ќе игра до крајот на сезоната, а потоа следи трансфер во Пари Сен Жермен, со кој уште претходно потпиша договор.
За финансиските проблеми на Вардар и тоа дека клубот на ракометарите им должи „огромни пари“ прв проговори Кристопанс, а по него и германскиот ракометар Кристијан Дисингер, кој истакна дека „само чудо може да го задржи“.
Спортските медиуми пак шпекулираат дека забрзано заминување на ракометарите од тимот на европскиот шампион би можело да продолжи, потсетувајќи дека неколку играчи веќе имаат потпишани договори со нови клубови за од наредната сезона.
Атман изјавил дека од кога дошол во Вардар нема земено плата и токму тоа била и причината за напуштање на трофејниот клуб.
