Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Ракија сакаат и Чесите и балканците“: Антонија Ѓорѓиева ја промовира македонската ракија и храна во Кладно

„Ракија сакаат и Чесите и балканците“: Антонија Ѓорѓиева ја промовира македонската ракија и храна во Кладно

Понекогаш љубовта кон нашите деца ќе го однесе нашиот живот во сосема друг правец. Токму тоа се случило и со Антонија Ѓорѓиева која поради успехот на својата ќерка која тренира фудбал, се преселила во Кладно, Чешка.

Скопјанката на свои 38 години, доживеала животен пресврт кој не го очекувала. Ѓорѓиева 7 години се занимавала со угостителство во хотелот „Амбасадор“ во Скопје од каде навистина научила и сфатила што сака во животот. Непосредно, отворањето „Ракија Бар“ претставувало сосема нов чекор за неа.

Во продолжение прочитајте го интервјуто со Антонија Ѓорѓиева, која раскажува за нејзиното искуство како сопственик на „Ракија Бар“ во Кладно, нејзините обврски и прифаќањето на балканската култура во друга држава.

-Во Чешка се преселивме поради нашата ќерка, бидејќи таа доби понуда да тренира за еден чешки фудбалски клуб. Целата оваа приказна започна поради неа и поради дружењето со девојчињата и родителите од клубот, кои со текот на времето прераснаа во вистински пријателства – вели Ѓорѓиева.

Приказната која стои зад овој бар е поврзана со носталгијата кон својата татковина, која е заедничка карактеристика на сите балканци.


-Идејата за „Ракија Бар“ се роди од нашиот автентичен традиционален македонски пијалак. Целта беше нашите луѓе - балканците, да знаат дека постои место каде можат да го најдат својот спокој и душевен мир. Тука можат барем за миг да се почувствуваат како да се во својата родна земја по која сите ние копнееме – додава сопственичката.

Иако Чешка како држава е позната по своето пиво и неодолив ликер, донесувањето на ракија во оваа држава побудило интерес да се проба овој балкански пијалак. Како што вели Антонија, Чесите се многу љубезен народ кој потсетува на Македонците, па дури и во здружувањето и пријателствата.

-Кај нас доаѓаат и Чеси и Балканци. „Ракија Бар“ е место каде што кога ќе влезете ќе ја почувствувате пријатната атмосфера што потсетува на нашата татковина, на нашите дружења, па сè до мирисот на домашното лепче кој нè потсетува на нашите мајки и баби.

Вкусот на балканските специјалитети може да го почувствувате тука. Храна која мора да ја пробате тука е превкусниот домашен бурек, ајвар, домашно месено лепче, па сè до вкусни пици и добра ракија.

-На нашето мени може да пронајдете бурек, без кој не може да започне викендот. Тука се и ќебапите, плескавиците, ајварот, кајмакот, пиците и нашите добро познати македонски салати – раскажува Ѓорѓиева.

Антонија во четвртата деценија на својот живот, заедно со своето семејство се одлучиле на голем чекор и го оставиле животот во Македонија зад себе, за да започнат нешто свое. Ја прашавме како би ги посоветувала младите за отворање бизис во странство?

-Младите би ги посоветувала дека никогаш, ама баш никогаш не е доцна да го остварите вашиот најголем сон! Секој од нас има скриени афинитети кон нешто – ваше е само да учите, да се надградувате и никогаш да не стагнирате, ниту да барате удобна комфорна зона. Сè што правите, ако го правите со љубов и внимание, ќе вроди со плод – рече сопственичката на „Ракија Бар“

Ѓорѓиева својот бар го доживува како огледало на нејзината душа, како место каде може да твори и да го уредува секое катче по свој вкус.

-Барот не го гледам како голем бизнис, туку како место каде можам да ја промовирам мојата земја. Ја чувствувам и најголемата одговорност дека светот мора да знае зошто ние Македонците сме посебен народ – вели таа.

РЖМ / Јована Трајковска

Фото:Приватна архива

*Забрането преземање на објавата*


Слично

Поврзани вести