РАКАВИЦАТА Е ФРЛЕНА, КОЈ ЌЕ ПРИФАТИ: Пендаровски предлага мастердебата со сите седуммина претседателски кандидати на неутрален терен, еве ги деталите
На 3 април годинава ќе се одржи изборна конвенција на кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и актуелен шеф на државата, Стево Пендаровски.
Ова денеска на брифинг со новинарите го соопштија Богданка Кузеска и Наим Вренези, задолжени советници за комуникација со медиумите во изборниот штаб на Стево Пендаровски.
Најавуваат позитивна и европска кампања, со почит и респект кон сите противкандидати на Пендаровски, кои ќе учествуваат во изборниот натпревар.
Исто така, кампањата ќе биде транспарентна и граѓанска, односно во центарот, како што велат, ќе биде граѓанинот и неговите потреби.
„Како што паметите, и во претходната претседателска трка кандидатот Пендаровски водеше граѓанска кампања и посети за прв пат над 40.000 населени места. Тогаш запознавме многу луѓе, наши сограѓани, за кои можеби јавноста дотогаш не слушнала, но ете токму тогаш имаше прилика да ги запознае. Така ќе биде и овој пат, значи планирани се средби со граѓани низ целата држава“, објаснуваат Кузеска и Вранези.
Со оглед на предизборието и големите верски празници, кои доаѓаат токму во тој период, од Изборниот штаб на претседателскиот кандидат Пендаровски најавуваат дека тој ќе организира и Велигденска и Ифтарска вечер, на која покрај сите други гости, ќе бидат поканети и сите шестмина противкандидати на актуелниот шеф на државата, за што се веќе исконтактирани сите изборни штабови. И на тој начин се сака да се покаже духот на позитивната кампања и респектот кон сите политички ривали, велат задолжените за комуникација на Пендаровски.
„Навистина планираме тоа да биде една модерна кампања, и позитивна, и тоа не го нагласуваме како некоја флоскула, туку тоа се нашите вистински намери. Претседателот како и досега, нема да отстапи од своите принципи“, велат Кузеска и Вранези.
Во тој контекст тие исфрлаат во јавноста една нивна идеја, која веќе им е претставена на изборните штабови на противкандидатите. Оттаму досега првично никој не изразил негативен став и не го отфрлил тоа прашање, иако не дале ниту конечен потврден одговор дека би се вклучиле во такво нешто, односно дека би се вклучиле во мастер дебатата, и конечните потврди или одбивања се очекуваат набргу.
„Идејата се состои во тоа да се организаира една мастер дебата со сите седуммина противкандидати, која би се организирала на некој неутрален простор. Како таков простор се замислени или на пример спортската сала Борис Трајковски, или евентуално Филхармонија, но тоа е засега на ниво на идеи. Сите противкандидати би можеле да си донесат и своја публика и свои поддржувачи, а се разбира дека во дебатата би биле вклучени и уредниците или претставници на сите релевантни медиуми, иако предност во прашањата би имале националните телевизии“, објаснуваат од штабот на Пендаровски.
Како што нагласуваат, на таа мастер дебата ќе се почитуваат сите правила, како што впрочем е и светска практика при организирање на претседателски избори.
Всушност, сите кандидати ќе можат пред публиката да ја образложат својата програма, а ќе се почитува и правото на реплика и контрареплика.
Предвидено е дека оваа мастер дебата би траела три часа или 180 минути.
Како што е познато, сите национални телевизии се борат кај нив да се организираат дебатите, со оглед што, како што забележаа новинарите, тие би сакале кај нив да биде претседателското шоу.
„Но, често тоа се сведува на препукувања меѓу противкандидатите, па идејата е оваа мастер дебата да биде нешто над тоа. Така што, друго се митинзите, средбите со граѓаните и слично, но оваа мастер дебата е замислена како нешто над тоа, како шанса на неутрален терен сите кандидати да се претстават“, објаснија Кузеска и Вранези.
На прашањето дали доколку некој од кандидатите или повеќемина ја одбијат таа дебата, и од штабот на Пендаровски сметаат дека во тој случај не би имало смисла таа да се одржи, бидејќи, како што велат, поентата е да учествуваат сите кандидати.
Мастердебатата би била двојазична, а впрочем, тоа ќе важи и за целата кампања на претседателот Пендаровски, односно ќе се употребуваат и македонскиот и албанскиот јазик. А, на дебатата ќе се употребува и знаковниот јазик.
Со цел да се покаже колку се почитуваат сите кандидати, би се дала можност во изборот на модераторите да учествуваат сите штабови на претседателските кандидати.
Сите телевизии ќе можат да ја стримуваат дебатата, со цел таа да биде достапна за сите граѓани.
Набргу ќе се отвори и штабот на претседателскиот кандидат Пендаровски, кој е веќе во финална подготовка, а тој ќе биде лоциран спроти Тренд на улица Македонија, значи во строгиот центар на градот. Тој ќе биде достапен 24/7 за сите граѓани, објаснија Кузеска и Вранези.
Инаку, како што е познато, пртетседателската кампања почнува на 4 април.
Оттаму не кријат дека се очекува и негативна кампања, за што веќе имаат и информации, а се очекува и „активност“ на партиски ботови, но како што велат, Пендаровски нема да губи енергија на такви негативни појави.
Инаку, СДСМ на 23 март во сабота ќе има Конгрес на кој ќе ја претстави програмата и партиските листи кои ќе учсетвуваат на претстпојните парламентарни избори.
Кузеска останува и портпарол на СДСМ на претстојните избори. Имено, иако е Пендаровски натпартиски кандидат, тој е сепак поддржан од партијата СДСМ, која би ја обезбедила и логистиката за претстојните претседателски избори.
Н.Н.Ф.
