Рахиќ: И при најмала реакција од нашите доктори, за Јовановски веднаш викаме Брза помош
Точно е дека Бојан Јовановски има одредени здравствени проблеми. Но, и при најмала реакција на затворските доктори, веднаш за него повикувавме брза помош. Вака директорот на затворот во Шутка, Есад Рахиќ, во вчерашното издание на „Само интервју“, одговори на наводите на адвокатот Сашо Дуковски, за здравствената состојба на неговиот клиент. Според Рахиќ, Јовановски во затворот е безбеден, редовно ја прима терапијата и се внимава со кој притвореник ја дели ќелијата.
„Имаме амбуланта, двајца лекари, двајца стоматолози, имаме и психијатар кој доаѓа. Ви кажувам дека има максимални здравствени услови во рамките на можностите“, рече Рахиќ во интервјуто.
Тој ги демантира шпекулациите, од кои некои оделе дотаму дека „можеби некому не му одговара Јовановски да остане жив“. Нема конкретен коментар кој ќе биде одговорен доколку нешто му се случи на Јовановски.
„Да, господинот Јовановски им оредени здравствени проблеми и на најмало алармирање од страна на нашиот лекар, а имаме одлични лекари, ние викаме брза помош, која го зема, го носи, го реанимира. Јовановски има проблеми со желудникот. Во затворот е многу подобрена храната, имаме квалитетна храна и готвач што готвел по хотели, и стандарди по кои ја делиме храната. Дозволено е од нашата управа, секој што може да си дозволи, со фискална сметка да си носи храна од дома. Имавме проблем кога Јовановски имаше проблем со желудникот, мораше да оди на третман, прочистување, и тогаш е потешко да му обезбедиме храна. Инаку, редовно има контроли од институции, добивме задоволувачки оценки“, рече Рахиќ.
Според него, лага е дека Катица Јанева не била сместена во Шутка. Тој во интервјуто рече дека „добро се држела“ во притвор и истакна дека писмата, чија содржина се однесуваше на работата и предметите на СЈО, кои ги испраќала од затворот биле напишани рачно, а потоа преку затворската служба биле претпратени до Судот, согласно процедурата.