РАДИКАЛИЗМОТ Е ШТЕТЕН: Aнгелов и поглаварот на ИВЗ го осудија скандирањето „УЧК, УЧК“
Oд Исламската верска заедница стигна осуда за скандирањето „УЧК, УЧК“ на протестот за случајот „Монструм“, кој во петокот се одржа во Скопје.
Пораката е дека секој радикализам е штетен и за верата и за државата и дека треба со зеднички напори да се настојува за мир и соживот.
Заедничка осуда на радикализмот и национализмот, како и на неодамнешното скандирање „УЧК УЧК" и „голема Албанија“ е нешто околу што се согласиле првите луѓе на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и Екрем Зендели со поглаварот на ИВЗ Шаќир Фетаху. Средба се одржа во Ријасетот, соопштија од ЦУК.
Ангелов и Зендели му искажале признание на поглаварот за неговиот авторитет и позитивно влијание кај сите граѓани, а во разговорот, како што е наведено, тројцата соговорници постигнале согласност дека е важно да продолжи процесот на помирување меѓу дел од Македонците и дел од Албанците. Согласност е постигната и дека е потребно да продолжат напорите за искоренување на меѓуетничкото насилство кај младите, но и да не наседнуваат на повиците на омраза. Во соопштението е наведено дека согласност е постигната и во осудата на случаите на радикализам и национализам, „како на пример, неодамнешното скандирање „УЧК-УЧК“ и „Голема Албанија“ на каков било митинг, протест или настан, бидејќи тоа директно го дефокусира вниманието од целта на настанот, од протестирањето и ја подгрева меѓуетничката нетрпериливост и омраза".
