Радев бара Македонија да ги впише во Уставот сонародниците на Гоце Делчев
Мaкедонија може да каже дека гради модерно општество кога ќе ги впише сонародниците на Гоце Делчев во Уставот, вели бугарскиот претседател Румен Радев.
„Раководството на РС Македонија треба да ја убеди не Бугарија, туку сопствените граѓани дека гради демократскa држава во која не се пука во бугарските клубови, тие не се палат, а Бугарите во оваа земја не се подложени на систематска репресија, физичко насилство и диригирани судски процеси“, вели во изјава за БГНЕС бугарскиот претседател.
Тој ги спомена учебниците, говорот на омраза, медиумите, но и како што рече отворањето на архивите и извинувањето за етничката репресија на Бугарите низ годините. Плус зборува и за заштита на културното наследство. Радев тврди дека со децении се сеело омраза против Бугарите.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера на Самитот на Европа во Рејкјавик, одговарајќи на обвинувањата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека во земјава има систематско газење на правата на Бугарите, изјави дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“.
