Акционерското друштво Раде Кончар – Апаратна техника АД Скопје во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година остварило нето добивка од 32.102.266 денари, односно околу 522.000 евра, што е благо намалување во однос на 2024 година кога добивката изнесувала 33.704.702 денари, односно околу 548.000 евра.
Во анализираниот период компанијата остварила вкупни приходи од 45.404.301 денари, односно околу 738.000 евра.
- Во структурата на приходите значајно место имаат приходите од дивиденди исплатени од компаниите во кои друштвото има свои вложувања, кои во 2025 година се 36 проценти повисоки во однос на претходната година.
Приходите од извршени услуги и од издавање деловен простор под наем бележат намалување од околу 3 проценти, додека приходите од тргување со хартии од вредност се пониски за 8 проценти, што се должи на понеповолни услови на тргување на Македонската берза во споредба со претходната година - се посочува во извештајот објавен на Македонска берза.
Дополнително, приходите од удел во добивката на придружни ентитети и подружници изнесуваат 2.035.738 денари, односно околу 33.000 евра, што директно влијаело врз финансискиот резултат на компанијата.
Во текот на 2025 година друштвото инвестирало и во инвестициски фондови, при што остварило и нереализирани добивки кои придонеле за раст на вкупните приходи.
Вкупните расходи во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година изнесуваат 11.496.628 денари, односно околу 187.000 евра, што претставува намалување од 15 проценти во однос на претходната година, при што компанијата продолжува со политика на контрола и намалување на трошоците.
Во извештајниот период компанијата исплатила дивиденда од 26.809.900 денари, односно околу 436.000 евра, што изнесува 130 денари по акција, односно околу 2,1 евра по акција. Во текот на годината имало минимални вложувања во материјални средства, а друштвото не користело кредити.
Од компанијата посочуваат дека во наредниот период се очекува зголемување на добивката, пред сè по основ на финансиски приходи од дивиденди и капитални добивки од вложувања во хартии од вредност.
- Во наредниот период се очекува добивката да се згоелми по основ на финансиски приходи од дидвиденда и капитална добивка од пласирани средства во хартии од вреднсот. Заложбата на Друштвото е да се оплоди капиталот и да се зголеми финансискиот резултат.
Заложбата на Одборот на директори како долгорочна политика е да се одржува ликвиднсота на Друштвото и редовно да се исполнуваат сите законски обврски на Друштвото вклучително и да се исплаќаат сите потребни давачки кон државата и доверителите. Псебно Одборот на директори се стреми да се постигнат што повисоки финанискиски резултати и да се врши редовна исплата на дивиденда на акционерите според остварената добивка - се истакнува во извештајот.
П.О.
