РАЦИОНАЛНО ДА СЕ КОРИСТИ ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ: Нов апел од Водовод и канализација
Јавното претпријатие Водовод и канализација - Скопје апелира до скопјани рационално и внимателно да ја користат водата за пиење.
„Врз основа на податоците на ЈП Водовод и канализација – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на градот Скопје рационално да ја користат и употребуваат водата за пиење, односно да се избегнува полевање поголеми површини, разладување на дворни површини, улици и непотребно трошење на водата за време на топлите денови“, стои во соопштението.
Од Водовод велат дека има зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво.
„Ваквата енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем, а како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот. Воедно и апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат било какво истекување на вода, истиото да го пријават на 02 3073 010, kontakt@vodovod-skopje.com.mk или www.vodovod-skopje.com.mk“, велат од таму.
Фото: Freepik