„Работниците секогаш ја плаќаат највисоката цена“: Левица со остра реакција по вчерашната седница 'нема месец без трагедија'
На расправата за реконструкцијата на Владата, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, говореше и за порастот на смртните случаи на работните места, при што го опомена премиерот Христијан Мицкоски велејќи му: „Не се смејте, за смртни случаи ви зборувам!”
По говорот на Амар Мециновиш, пратеникот од Левица Сашко Јанчев побара пауза со цел спикерот Африм Гаши да воведе ред, а бидејќи, како што истакна тој, од владејачкото мнозинство и владиниот состав, за време на говорењето на пратениците од Левица, се дофрлале секакви пцости.
- Денес ми се случи нешто што сѐ уште не верувам дека е можно... Додека говорев од собраниската говорница за дуплираниот број загинати работници во Македонија, премиерот Мицкоски упорно и цинично ми се смееше во фаца и дофрлаше секакви грозотии и безобразлуци, како некој неурамнотежен човек!? Не верував дека до волку одлепил човеков, за да стане психички нестабилен и тоа да го покажува во јавност.
После ми кажаа дека цел ден пиеле виски во канцеларијата на генералниот секретар на ДПМНЕ!? Ех жална Македонијо, какви хоштаплерски ропаци те водат! - се огласи Апасиев по седницата.
Но, од партијата исто така истакнуваат дека во Македонија речиси и да нема месец без нова работничка трагедија.
- Во само неколку месеци, бевме сведоци на загинати работници на градилишта, масовно труење на 44 работници во „Микросам“, труење на работници во фабрика во ТИРЗ-Штип, сведоштва за затруени и малтретирани работници во „Кромберг и Шуберт“, како и бројни случаи на небезбедни услови за работа кои институциите ги констатираат дури откако ќе се случи трагедијата - а неретко ниту тогаш.
- Вчерашната сцена во Собранието само покажа на која страна стои оваа власт.
На едната страна се промоторите на капитализмот, кој човечкиот живот го сведува на трошок, а профитот на врховна вредност. На другата страна е Левица, која политиката ја гради врз достоинството на трудот и заштитата на работничката класа - нагласуват од опозициската партија.
