Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пуштена втората делница од булеварот „Борис Трајковски“

Пуштена втората делница од булеварот „Борис Трајковски“

Втората делница од булеварот „Борис Трајковски“, на потегот од крстосницата со булеварот „Србија“ па до влезот во поранешната фабрика „Слаткарница“ е пуштена во употреба. Станува збор за делница долга 1.126 метри, додека целиот проект за реновирање на булеварот чини 4 милиони евра.

„Старата улица „Првомајска“, која беше синоним за гужви и метеж на сообраќајот, веќе е минато. Пред нас е ново и модерно  сообраќајно решение. Булевар со вкупна должина од 2,5 километри, со четири коловозни ленти, со тротоари и велосипедска патека, со ново осветлување и нова атмосферска канализација. Токму онаков каков што заслужуваат жителите на Кисела Вода, Центар, Драчево и сите останати жители кои се обраќаат по оваа прометна сообраќајница“, изјави на свеченото пуштање на делницата прениерот Никола Груевски.

Со проширувањето на овој дел булеварот доби четири коловозни ленти, широки по 3,5 метри. Коловозот е асфалтиран со полимеризиран асфалт-бетон, на површина од околу 16.000 метри квадратни, а уредени се и две семафорски крстосници. Поставена е атмосферска канализација , а реконструиран е и мостот над Усјанскиот канал.

Првата делница од проширениот и реконструиран булевар „Борис Трајковски“ , кој се градеше на потегот од „Рампа“ до крстосницата со улицата „Народни Херои“ во должина од 1.380 метри, беше завршена лани во месец октомври.

 
Слично

Поврзани вести