Пуштена во употреба новата административна зграда на Општина Карпош
На свечен начин синоќа беше пуштен во употреба новиот објект во кој ќе биде сместена целата администрација на Општина Карпош. Зафаќа вкупна површина од 4.500 м2, а за финалната изградба беше потребно нешто повеќе од една деценија.
- „Сè започна со еден камен –темелник. Можеби тогаш изгледаше како празно парче земја, но за нас тоа беше визија – сон за една нова општинска зграда, достојна за граѓаните на Карпош. Трпеливо но сигурно, месец по месец, цигла по цигла, од темелите израснаа ѕидови. Со мака, со работа и со посветеност, чекор по чекор го изградивме овој објект. Не беше лесно, но секогаш кога имаш јасна цел, секоја пречка се надминува“ – објасни Јакимовски.
Првиот човек на Општината потенцираше дека новата општинска зграда не е наменета само на администрацијата. туку таа ќе биде транспарентна локална установа која им припаѓа на сите граѓани на Карпош.
- „Мојот сон и мојата визија беше тука да влегувате со доверба и овде да ги добивате вашите одговори и решенија. Ова е нов дом на локалната самоуправа, поточно дом на сите наши сограѓани. Карпош гради, расте и ќе продолжи да чекори напред, затоа што ова е нашата заедничка приказна“ – додаде градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Новата општинска зграда на Карпош е најдолго градениот административен објект во Скопје, кој се гради веќе 13 години, иако кога започнаа градежните работи, есента 2012 година, беше кажано дека за осум месеци Општината ќе добие нова зграда. Но, нејзината изградба наиде на многу пречки, а четири години беше и сосема запрена и се бараше решение како да продолжи, затоа што дотогаш изграденото отстапувало од проектот врз основа на кој е издадено одобрението за градба.