Пуштен во употреба регионалниот пат Тетово – Јажинце
Регионалниот пат Тетово – Јажинце денеска е пуштен во употреба. Станува збор за инвестиција вредна 150 милиони денари со која е извршена комплетна рехабилитација на коловозот и е поставен нов асфалтен слој во должина од 16, 5 километри и ширина 7,10 метри.
- Патот долги години беше во многу лоша состојба, со намалена безбедност на сообраќајот, а по него секојдневно се движат илјадници луѓе. Сигурен сум дека сега жителите на Џепчиште, Непроштено, Лешок, Јегуновце, Вратница,... ќе ги почувствуваат придобивките од реконструкцијата со која на регионалниот пат се овозможува безбедно одвивање на сообраќајот, се намалува времето на патување и се забрзува сообраќајната комуникација на Тетово со околните населени места и со Република Косово, рече премиерот Никола Груевски пред пуштањето во употреба.
Владата, напомена Груевски, останува максимално посветена на заложбите за комплетна изградба и обнова на инфраструктурата во земјата. За таа цел до 2018 година се предвидени преку една милијарда евра. Меѓу приоритетните проекти ќе биде изградбата на автопатот Кичево – Охрид што треба да почне во првиот квартал од годинава.
Според најавите на директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, годинава ќе бидат завршени локалните патни правци Тетово – Бродец, Кале до спојот со Тетово – Селце, патот за село Лешок и до општинската зграда Теарце или вкупно 6,5 километри во вредност од 56,8 милиони денари. Ќе се продолжи со работа и на регионалниот пат Тетово – Гостивар, на делницата Боговиње – Пирок – Градец, како и на регионалните патни правци Теарце – Јегуновце, Јегуновце – Шемшово...
Минатата година се изградени или доведени во завршна фаза 145 километри локални патишта во вредност од 13,4 милиони евра.
