ПРВО, ПА МАШКО: Блок со акциите на Комерцијална банка, прв за годинава - КОЈ ПЛАТИ 111 ИЛЈАДИ ЕВРА
Откако блок трансакција со акциите на Комерцијална банка помина на крајот на декември минатата година, вчера повторно се случи блок трансакција со акциите на нашата најголема банкарска институција. Како што говорат информациите од Берзата, за познат купувач се продадени 455 акции од Комерцијална банка, по цена од 15 илјади денари за акција. Или, вкупната вредност на трансакцијата е 111 илјади евра. Ако се види вкупниот број акции издадени од Комерцијлна банка, излегува дека е продаден мал пакет од 0,02 отсто, по цена од 111 илјади евра.
Инаку цената од 15.000 денари е отприлика идентична со просечната цена по која се продаваа акциите на банката на редовното тргување и тоа 15.009 денари за акција. Завчера, пак, на денот на блок трансакцијата, просечната цена на акциите била 14.986 денари за акција.
Оваа блок трансакција со акциите на Комерцијална банка е прва блок трансакција на Берзата воопшто од почетокот на оваа година.
Блок трансакција со акциите на оваа банка помина и на 26 декември лани, на вкупна сума од околу 100 илјади евра. Или прецизно, на блок трансакцијата беа продадени 417 акции на банката, по цена од 14.100 денари за акција. Тоа значи дека целата трансакција вкупно вреди 5,9 милиони денари, или прецизно 95.604 евра. И тогаш стануваше збор за мал процент акции од банката, или дури и помалку од 0,02 проценти, или нешто помалку од пакетот кој беше продаден во текот на вчерашниот ден.
Инаку, може да се забележи дека таа цена на блок трансакцијата тогаш беше 14.100 денари, додека на вчерашниот блок изнесуваше 15.000 денари, што говори за континуиран пораст на цената на акциите на Комерцијална банка.
Неодамна објавивме дека Комерцијална банка сега е нов газда на поранешен ФЕНИ, а сегашен Еуроникел индустри. Банката објави дека го стекнала комбинатот за сума од близу 38 милиони евра.
Според нашите информации, таа компанија е еден од потенцијалните субјекти за купување на комбинатот, покрај неколку други, меѓу кои и кавадеречката компанија ИГМ Трејд на бизнисменот Илија Гечев.
Н.Н.Ф.
