Првите 100 дена Влада итно посветени на правдата: Анализа со Рангеловиќ
Вообичаено по избор на нова влада доволен е простор од 100 дена за одредена "комоција" за новите кадри да започнат со раководење на институциите. Овој пат, корона-кризата, економската неизвесно и фактот што овој владин состав е практично старо-нов, па така критичност за следните потези мора да биде неизбежна. За итните приоритети разговараме со Иво Рангеловиќ.
Според него правдата не смее да се стави под тепих и да биде обезначена од карантинскиот наратив и економските последици. Разговаравме и за опциите кои и стојат на располагање на опозицијата, како и за исходот од коалицијата меѓу Заев и Ахмети. Рангеловиќ е политиколог и економист дипломиран на Бостонскиот универзитет, а магистрирал политички науки на Универзитетскиот колеџ Лондон.
Фактор: Заслужува ли комоција новата влада и трпеливост во првите 100 дена од владеењето бидејќи е вообичаено да даде отчет по завршување на овој рок. Сега имаме итност во поглед на справување со последиците од здравствената и економската криза предизвикана од КОВИД-19, па дали треба веднаш да се бараат резултати и да се зголеми нивото на критичност кон власта?
Рангеловиќ: Критичноста е обврска на секое општество, а истата го негува и неговиот континум. Ако на тоа се надодаде фактот дека ова се вторите „100 дена“ на старо-новата влада, легитимно е да очекуваме резултати веднаш. Вредноста на контекстот за кој говорам не смее да биде обезначена од карантинскиот наратив и економските последици. Тој, контекстот на критичност, мора да остане константа која го краси општествениот пејсаж. Конкретно, старо-новиот состав на оваа влада останува должен за едно СЈО, чиј неуспех го подрива функционирањето на социјалниот живот и уважувањето на институциите, воопшто. Итноста на владата да практикува одговорност со тоа што ќе даде форма на правната држава би ја ставил априори во првите 100 дена. Настрана од моралните основи кои ги наметнува ситуацијата со КОВИД-19 при креирањето на политиките, евентуалното ставање под тепих на правдата ќе значи разголување на суштината на мандатот која го доби овој состав. Сметам дека сите аргументи за неуспехот во судските случаи се соголени, дури и оној кој посочува на независноста на судската власт. Во тој дел, како рефлексија на надеж се издигнува институцијата „Заменик на Претседателот за борба против корупција”, која е најфлагрантниот политички субјект-носач на реперкусиите од справувањето со правдата. Но, објективен прашалник е како оваа институција ќе се справи со можна корупција во сопствените редови/редовите во власта?
Понатаму, дипломатијата се наметна како наличје на владата во изминативе неколку години, имајќи ги во предвид неколкуте историско-политички моменти. Сепак, очекувањата во делот на дипломатијата генерално и интеграциите конкретно, не би смееле да спласнат.
За крај, на мисла ми остана нормата која ја наметнавте во формулацијата на прашањето (го потцртав зборот комоција). Живееме во општество кое тоне во сопствениот неморал, идеолошки разоблично и партиски распарчено. Оттаму, секоја влада која смета дека заслужува било каква комоција, свесно чекори по маргините на разумот.
Фактор: Прв вицепремиер е главниот новитет кој е резултат на договорот за владина коалиција меѓу Заев и Ахмети. Дали оваа позиција која ја доби Артан Груби е само на хартија или пак ќе има поголеми импликации врз политичкиот и евентуално врз уставниот поредок?
Рангеловиќ: Позицијата Прв вицепремиер е предмет на утеха, односно класична политичка компензација за, веројатно единственото ветување коа досега лидерот на ДИУ го нема исполнето, а тоа е албанец премиер. Политички импликации се разбира дека ќе има, но нивната кредибилност е во дирекна корелација со сведочењето на лидерот на ДУИ и понатамошните случувања во Специјализираното обвинителство на Косово, чие седиште е во Хаг. Развојот на ваквите дејствија несомнено го девалвира легитимитетот и кредибилитетот на ДУИ како најголема албанска партија во Македонија, а се разбира и на ликот и делото на нејзиниот лидер. Евентуално обвинение покренато против лидерот на ДУИ, ќе ја изрелативизира позицијата Прв вицепремиер, симболички, но и фактички.

Она што е поважна импликација од сегашнава позиција се всушност две, јас би ги нарекол опсервации повеќе него, парадигми.
Првата е дека албанското гласачко тело не остана имуно на хипокризијата која му е наметната од страна на албанските партии (читај ДУИ), односно наивно се успокои токму со новитетот Прв вицепремиер. Втората пак е во директен судир со претходно наведената, укажувајќи на опасноста дека токму позицијата Прв вицепремиер е последниот адут сервиран на македонските партии на патот кон најголемиот популистички замав на ситно-умната идеологија, затруена со етнички предзнак. Иако е можеби прерано да се зборува за импликации врз уставот, за кои лично мислам дека нема да дојде, се поизвесно е дека секоја наредна влада која ќе биде носител на мандатот би се нашла во политички неповолна ситуација при конституирањето на парламентарно мнозинство, особено во делот на распределба на клучните ресори.
Фактор: Дали има услови за обединување на опозицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците контра владејачката структура, иако Заев сакаше да го испрати Ахмети во опозиција. Власта вети борба со корупцијата, но со малите кадровски измени и со продолжено владеење на ДУИ во институциите како и во изминатите 20 години очекувањата се минимални. Дали тоа може да биде мотив и можност за зближување на македонската и албанската опозиција и кои принципи треба да ги следи за да биде успешна?
Рангеловиќ: Во политиката, како и во животот, големите очекувања носат и големи разочарувања. Меѓутоа можеме да бидеме категорични во тезата дека поважно нешто од одговорна влада е, под знаци на навод, здрава опозиција. Иако не практикувам да се мешам во партиски агенди, мој сугестивен заклучок е дека опозицијата не треба да ја бара својата шанса на улица. Со тоа на ум, ВМРО-ДПМНЕ треба да ги насочи своите обиди кон доближување не само кон Алијансата за Албанците, но и политички субјекти како што е пример Левица. Се разбира, малку веројатно е дека ваквото обединување ќе се развива по некоја идеолошка оска, но идеологијата во изминативе 30тина години е ни помалку ни повеќе мисловна именка.
Независно од тоа како опозицијата ќе го трасира своето делување во парламентот, круцијално е да се осмелат да бидат конструктивни. Овој концепт, за жал, е доведен во заблуда, бидејќи јавното мнение неформално ја дефинира конструктивноста како афирмација на владините политики. Напротив, конструктивизмот е комплексна парадигма во меѓународните односи, но за да се практикува најпрво треба да се стават интересите на државата пред оние партиските. Но, тоа е теоретскиот дел од одговорот. Преточено во пракса, сметам дека опозициските партии треба будно и безрезервно да вршат притисок во делот на владиното справување со корупцијата (и нејзините екстензии низ веќе покренатите судски случаи). Потребна е активна партиципација, надмудрување и дебатирање во поглед на евентуалното отворање на поглавјата со ЕУ. И секако, придонес кон донесување што позрели економски политики при справувањето со кризата од КОВИД-19. Доколку било која опозициска партија го одржи континуитетот на бескрупулозно критикување на една влада, засновано на личен и/или партиски интерес, таквото делување ќе ни понуди уште една номинална опозиција која и онака ќе го дочека редот за владеење.
Фактор: Треба ли конечно да се промени изборниот модел со една изборна единица и можеби со отворени пратенички листи. На овие избори го имаме парадоксот со кој Левица со речиси 40.000 гласови доби двајца пратеници, а Алијанса за Албанците со 80.000 гласови доби 12 пратеници. Ќе се решат ли конечно големите партии на ваков чекор или пак се уште има страв дека со промена на моделот може да се постигне поголем успех на помалите партии?
Рангеловиќ: Трагедијата на постоечкиот изборен модел не ја гледам примарно во тоа што малите партии се жртви, туку во неможноста на овој модел да ги артикулира интересите на секој еден граѓанин на оваа држава. Во улога на политиколог, за мене е предизвикувачка секоја промена на изборен модел во една држава, но тука мора да се земе в предвид суштинската димензија на демократијата. Една изборна единица е подлабок чекор во демократизацијата на државата која би му дала реално значење на досегашниот формален статус на плурализмот. Особено ако се овозможи една изборна единица со што понизок изборен праг. Во тој случај малите партии нема да служат како статисти во плурализмот, а и манипулативниот простор при коалицирањето ќе биде ограничен. Уште поинтересна е ситуацијата со отворени пратенички листи, кои директно пркосат на партиските но и личните интереси на видни поединци, како во изминатите така и во сегашните политички констелации. Да сумирам, една изборна единица со отворени пратенички листи тектонски би го поместила целокупното политичко делување во државава и неговите затруени фундаменти на кои навикнавме. Не сум убеден дека се создадени соодветни околности за еден таков зрел цивилизациски исчекор.
Христијан Станоевиќ