Првиот човек на Кривичен прво ќе собира информации, па ќе каже став за пресудата за Млечен
Претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје Иван Џолев најавува дека ќе собере информации за случајот со условната казна за сообраќајката со смртни последици во 2018 кај Млечниот ресторан во Скопје, па ќе излезе со коментар.
Ова тој го кажал во изјава за 360 степени.
„Во моментов немам повеќе информации за пресудата. Таа беше донесена вчера (петок), јас за неа дознав на крајот од работното време. Ќе се интересирам за случајот, од понеделник ќе добијам повеќе информации од судот, по што ќе можам да дадам коментар и став“, изјавил Џолев за „360 степени“.
Фактор веќе пишуваше дека Кривичен суд ќе треба пред јавноста да ја образложи оваа пресуда.
Инаку, тогаш 62 годишниот Васил Ч. од Тетово за овој случај признал вина, а судијката Елена Јосифовиќ му досудила само условна казна. Станува збор за судијка, која според податоците на официјалната веб-страница на судот, е избрана во декември 2011 година, а областа на која работи е „кривична материја“.
