Прва средба Муцунски - Петрова Чамова: Tемите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори
Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг ја оствари својата прва официјална средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.
Како што соопшти тој, на средбата меѓу Муцунски и Петрова-Чамова била нагласена потребата од изнаоѓање одржливо и достоинствено решение за отворениот билатерален проблем, во
духот на европските вредности, меѓусебното почитување и
добрососедството.
Биле потврдени позициите на
Владата во однос на прашањата поврзани со македонскиот
идентитет, јазик и историја, при што било истакнато дека овие
прашања не можат да бидат предмет на политичко условување
или еднострано толкување.
Меѓу темите биле и инфраструктурното поврзување преку
Коридор 8, како проект од стратешко значење за регионалната
поврзаност економската соработка и европската интеграција на
регионот, како и прашањето за граничниот премин „Клепало“.
„Разменивме мислења за билатералните односи, регионалната соработка и европската интеграција на државата. Ја нагласив потребата од изнаоѓање решение за билатералното прашање, кое го кочи процесот на отворање на преговорите со Европската Унија, реафирмирајќи ги позициите на Владата и укажувајќи дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори.
Акцент ставивме и на значењето на Коридор VIII и потребата од забрзување на активностите поврзани со отворањето на граничниот премин „Клепало“, како важен дел од регионалната инфраструктурна и економска поврзаност“, објави Муцунски по средбата.

