ПРВА ОПШТИНА ПОДГОТВЕНА ЗА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА: Во Гази Баба основните училишта може да обезбедат настава во двата модела
Локалните власти во Општината Гази Баба објавија дека сите 11 основни училишта се подготвени за почеток на новата учебна година.
По завршениот увид, градоначалникот на општината, Борис Георгиевски најави дека училиштата се подготвени за одржување на двата модела на настава, односно и онлајн и со физичко присуство.
- Електронските платформи за електронско учење, се веќе готови и веќе се прикачуваат на интернет страниците на училиштата. Подготовките за физичкото присуство се исто така во завршна фаза. Преку заеднички насоки, препораки и совети направивме добра стратегија со мојот тим, директорите и експерти од оваа област, како ќе се дејствува од 1 септември, без разлика на моделот на настава - со една единствена цел, безбеден почеток на учебната година, рече Георгиевски.

Исто така потенцираше и дека во текот на неделава ќе бидат готови и протоколите за сите основни училишта одделно кои ќе им бидат презентирани на родителите. Дополнително на ова, секое училиште ќе има посебен план за дезинфекција и шема за движење низ училиштето.
- Покрај ова, направив увид и во градежните работи во секое училиште кои се во завршна фаза. За нас, инвестициите во квалитетен образовен процес и подобри услови се учениците, се вложување во квалитетна иднина. Ние ги преземавме сите неопходни мерки за заштита на учениците, но тука најголема поддршка ни треба од родителите. Секој од вас е потребно да разговара со своето дете и да го подготви за новата состојба во која би се одржувала наставата. Иднината и безбедноста на младите генерации за мене се најважни, затоа сите треба да дадеме се од себе за да имаме безбеден образовен процес, изјави Георгиевски.
