ПРВ ПАТ МЕРКИ ЗА ЛИЦЕ ОД ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“: Досега беше на лекување
Обвинителството во Кочани предложи замена на куќниот притвор со мерки на претпазливост за двајца поранешни директори на Пазарниот инспекторат, осомничени за трагичниот пожар во клубот „Пулс“. Истовремено, првпат се бараат мерки и за трет осомничен – лице кое досега беше на лекување. Предлогот е доставен до Основниот суд врз основа на проценка на фазата на постапката и моменталната здравствена состојба на лицето.
-Основното јавно обвинителство Кочани, постапувајќи во предметот во врска со пожарот во кабаре клуб "Пулс", до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на претходно определената мерка куќен притвор во мерки на претпазливост за двајца осомничени во својство поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат. Замената на мерките е побарана врз основа на проценка на законските основи за обезбедување и фазата на проверки во однос на оваа институција. Освен ова, за првпат по настанот побарани се мерки за претпазливост за уште едно лице од првата група осомничени, кое до сега беше на лекување. Станува збор за лице од дискотеката, а мерките се предложени во согласност со неговата моментална здравствена состојба и потребата од натамошно лекување, соопштија од ОЈО.
