Денеска е прв ден кризна состојба во државава, откако Владата вчера ја прогласи на територија на цела држава.
Досега кризна состојба, кога почна пандемијата, беше прогласена само на територија на општина Дебар.
Во текот на два и пол месеци имавме вонредна состојба, а за тоа одлуките се продолжуваа во неколку баврати, во кои владата носеше уредби со законска сила. Беше прогласен и полициски час и неколку карантини.
Согласно Законот за управување со кризи, кризна состојба е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.
Кризната состојба Владата ја прогласи на предлог на Советот за безбедност.
Ќе трае 30 дена.
Согласно прописите, одлуката на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.
Законот и овозможува на Владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата.
Во кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. По барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или добро- волно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.
Инаку, законот предвидува дека со дел од своите сили може да учествува и Армијата во поддршка на полицијата во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на земјата, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување. Предлог до Владата за потребата за учество на дел од Армијата, согласно со Стратегискиот одбранбен преглед дава Управувачкиот комитет. Претседателот во секое време може да ја преоцени потребата од учество на делот од Армијата. Начинот на учество на дел од Армијата во кризна состојба се уредува со пропис кој го донесува претседателот.
А синоќа се одржа и седница на Главниот штаб за управување со кризи при Центарот за управување со кризи, со кој однеодамна раководи Стојанче Ангелов. Била утврдена рамката на активности на институциите во контекст за усвојување на акциски план, согласно одлуката за кризна состојба. Штабот е оперативно стручно тело кое раководи со активностите за превенција и справување со кризни ситуации.
Со Главниот штаб раководи директорот на Центарот, Ангелов, а на седницата присуствуваа претставници на сите организации од системот за управување со кризи назначени согласно и Законот за управување со кризи (од Министерствата за внатрешни работи, за здравство, за транспорт и врски, за одбрана и за надворешни работи и раководителот на Групата за процена, како и раководителот на Итна медицинска помош во Скопје, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, како и претставници на Армијата, Агенцијата за разузнавање, дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Црвениот крст на Македонија).
Денеска во 16 часот повторно ќе заседава Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК на која ќе се разгледува нацрт акциски план.