Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пругата на Коридор 10 ќе чини 1,8 милијарди евра, Мицкоски уверува дека нема да има мигранти

Пругата на Коридор 10 ќе чини 1,8 милијарди евра, Мицкоски уверува дека нема да има мигранти

До крајот на оваа година се очекуваат теренски активности за проектот за пругата на Коридор 10, најави премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите.

Проектот е вреден 1,8 милијарди евра и треба да биде финансиран преку UKEF. Според најавите, станува збор за еден од најголемите инфраструктурни зафати во железничкиот транспорт, со кој треба да се зголемат брзината, капацитетот и економската искористеност на овој коридор.

Со модернизацијата на пругата, просечната брзина за патнички превоз треба да изнесува околу 160 километри на час. На одредени делови возовите би можеле да се движат и побрзо, но поради кривините на трасата, просекот се очекува да биде околу 160 километри на час. За товарните вагони, предвидената брзина е околу 100 до 120 километри на час.

Мицкоски на брифингот се осврна и на тврдењата кои се појавуваа во јавноста дека проектот е поврзан со мигранти. Тој уверува дека нема да има мигранти и дека проектот е насочен кон железничка модернизација, транспорт и економски развој.

Очекувањата се дека со овој проект карго-превозот низ земјава може значително да се зголеми, особено поради плановите за поголемо користење на грчките пристаништа како рута кон Централна Европа.

„Ќе се зголеми бројот на карго-композиции. Долу драматично се работи на зголемување на капацитетот на Переа и Солун од страна на новиот сопственик на Переа, кинеска компанија. Нивниот фокус е да се користи оваа пруга по Коридорот 10 и од КОСКО најавија дека најмалку пет пати ќе го зголемат каргото, доколку се реализира проектот. Тие планираат, наместо да ги користат Ротердам и Хамбург, овие пристаништа да бидат депо за Централна Европа“, изјави премиерот.

На брифингот Мицкоски зборуваше и за автопатот Кичево-Охрид. Според очекувањата на Владата, делницата од Извор до Врбјани треба да биде пуштена во употреба до 8 Септември, Денот на независноста.

Овој потег ги опфаќа и вијадуктите и тунелите на делницата. Доколку има потреба од дополнителни доработки, рокот може да се помести за септември или октомври.

Целосното пуштање во употреба на автопатот Кичево-Охрид, од Ивандол кај излезот од Кичево до Охрид, според оптимистичките очекувања е планирано за првиот квартал од 2027 година.

За комплетирање на автопатското решение се обезбедени 175 милиони евра преку заем од домашни банки. Со тоа, како што рече Мицкоски, финансиски е затворена конструкцијата за продолжување на градежните активности и завршување на проектот.


Филип Костов

Слично

Поврзани вести