Протестот за Алмир заврши со инцидент
Пред Владата на Република Македонија денес се одржа протест по повод одлуката на Јавното обвинителство во врска со трагичниот случај на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово.
Револтираните учесници протестираа против одлуката на кумановското обвинителство кое го преквалификува делото за смртта на четиригодишниот Алмир Алиу од „убиство со умисла“ во „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.Тие носеа транспаренти „Нема правда, нема мир“, и „Каде ви е совеста македонско обвинителство“, како и детски играчки и детска облека, кои при крајот на протестот ги закачија на оградата на Владата
На крајот на протестот на оградата на Владата беше закачено албанското знаме, со што протестот за правда доби етнички карактер.
Мирниот протест „Правда за Алмир“ заврши со инцидент откако бил каменуван автобус на ЈСП со број 50, кај Судска палата каде се одвиваше и дел од протестот. Полицијата привела едно лице во врска со инцидентот.
