Протести и тужба против Богоев во најава од жителите на Трндол
Револтирани од насилното инсистирање на градоначалникот на Општина Карпош по секоја цена да го истурка носењето на контравезниот ДУП, граѓаните од Трнодол се подготвуваат за протести и неколку тужби кон Општината, градоначалникот, а можеби и кон општинските и градски советници .
Општината ја закажа јавната презентација во работно време во вторник од 15.30 часот иако граѓаните бараат таа да биде во нормално време после 17 часот . Граѓаните првата јавна расправа ја сметаат за неоддржана и прекината поради немање на документи од страна на општината.
Веќе е поднесена преставка пред Уставниот суд за преиспитување на носење на новиот регулациски план донесен во јуни 2018 г. од страна на Град Скопје и каде што на чуден начин е поделена населбата и споена со т.н. Шпанско село, а се со цел да може да се издејствува помала густина на населението. На тој начин ќе може да се вцртуваат нови градби, без ограничувања и без да се запазат законските нормативи за сообраќај и живеење.

Целата постапка е контравезна уште од самиот почеток кога во сред лето беше распишана јавна презентација со непрофесионално изработениот предлог ДУП, а сега пред Нова година пред славата Свети Никола се брза да се донесе ДУП , кој може да предизвика лизгање на големи земјани маси поради градење во заштитно зеленило под брдото и во заштитниот канал од поплави.
Истивремено се загрозува и сообраќајната безбедност на улиците Козле и Трнодол, како и отварање на можност за градежна инвазија и градење на населба, која навлегува во заштитното подрачје на Парк шумата Водно, а која ќе се протега над контравезното Шпанско село и над населбите Трнодол, Жданец и Козле, а до која е планирано да се пристигнува преку планираната Јужна обиколница и сервисниот пат кои треба да поминува низ самата населбата Трнодол по несоодветни и тесни улици.
Со еден збор се планира нова населба која би била копија на онаа околу бившиот хотел „Панорама“ а која повеќе би наликувала на Дебар Маало отколку на Парк- шума како што засега се именува.
Спорен детаљ се и маркиците за градба кои се директно позиционирани врз каналот што ги собира водите од планината. Планираните петокатници дефинитивно ќе го загрозат слободниот проток на води во случај на големи дождови и дополнително ќе го поткопаат брдото.
Факт е дека една од спорните маркици, згради под брдото, во појасот на заштитно зеленило, се од времето на Стефче Јакимовски од 2002 и 2010 година а последиците од тоа неразумно градење се јасно видливи денес.
„Затоа од градоначалникот се бара да биде совесен и разумен и да го повлече предолжениот ДУП и согласно позитивните законски прописи за безбедно станување, предложи до советот на општината да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје како што се брдата под Трнодол и Жданец. За оваа опасност постои истражување од 2010 година нарачано од Општината и уште едно испитување кое реализирано од германската амбасада. Резултатите од тие испитување се дека населбата Трнодол лежи на ПОТЕНЦИЈАЛНО НЕСТАБИЛНА ПОЧВА. Затоа задача на Општината е да го заштити брдото со пошумување, зацврсти со шипови, да го регулира течењето на водите во каналите и заштити од ерозија со ново пошумување бидејќи во овој потег има преку 120 исушени дрвја, како и да да преиспитаат сомнителните потпорни зидови под брдото позади двете веќе изградени згради на улица Козле“, соопштуваат жителите.
Граѓаните бараат забрана и за било какво градење во парк шумата Водно – над нивните населби, враќање, односно поништување на контраверзниот регулациски план, прифаќање на нивните скромни и реални барања , па дури потоа да се отвара иницијатива за нов предлог ДУП. Во исто време ја повикуваат и Владата и Собранието да изгласаат ветените закони за подобрување на состојбите во урбанизмот и продажбата на државно земјиште од страна на Општините за дооформување на парцела.
Спротивно од ветувањата пред минатите избори, дека ќе се смени начинот на узурпирање на јавниот простор и заштита на Парк шумата Водно, градоначалниците продолжуваат со неразумно служење на градежните профитери инаку како би се толкувало туркањето на овој ДУП со кој се прекршуваат еден куп законски и урбанистички закони и нормативи и желбите на граѓаните.
Затоа покрај првната борба со тужби и проверка на уставноста , наскоро се планират масовни протести заедно со граѓаните од населбите Козле и Жданец, на неколку локаци низ општината на кои им е преку глава од манипулативното носење на ДУП-ови низ цело Скопје и во Општина Карпош.
