Протест пред општина Кичево на жители од неколку села
Околу сто жители од неколку кичевски села протестираа против изградба на претоварна депонија денес пред зградата на Општина Кичево.
Тие велат дека претоварната депонија треба да се изгради помеѓу селата Рештан и Трапчин Дол.
Со транспаренти „Ние не сме вашата депонија“ и „СТОП за масовно труење“, жителите изјавија дека никој од локалната самоуправа не ги известил за таквите намери.
Тие побараа од градоначалникот на Кичево да достави официјален документ со кој ќе се потврди дека на таа локација нема да се гради ништо. Општина Кичево ги негира тврдењата за изградба на „депонија“ на таа локација.
„Градоначалникот беше информиран дека ќе се сретнеме со него следниот ден, но тој избега. Не се појави пред нас. Итно го молиме да најде еден записник за да видиме дали му е обелено лицето и да обезбедиме документ дека тука ништо нема да се гради“, рече еден жител.
