Економија, финансии, бизнис

Контакт

Протест пред Општина Карпош поради загадувањето на воздухот

Протест пред Општина Карпош поради загадувањето на воздухот

Пред затворената капија на Општина Карпош денеска се одржа симболичен граѓански протест со цел да се сврти вниманието на загадувањето на атмосферскиот воздух кое веќе подолго време во Oпштина Карпош достигнува алармантни размери. 

Податоците во име на оваа иницијатива пред камерите ги презентираа Анте Попоски и Невена Георгиевска, жители на Карпош.

„Ова е еден од чекорите кои ние како самоорганизирани граѓани можеме да ги преземеме. За жал, наместо нашиот глас да биде чуен оставени сме само да гледаме како чадот се подигнува од повеќе локации, стигнува до нашите домови и систематски не труе. Го направивме тоа што секој цивилизиран граѓанин на една урбана општина како што е Карпош треба да го направи - се обративме до сите институции и особено апелиравме за поголема ангажираност на Општината Карпош и Градоначалникот Јакимовски за што ви доставуваме копии од дописите. Сепак, оттаму само добиваме автоматизирани сувопарни одговори и безмалку никаква реакција на терен. Затоа, дел од нашите сограѓани излегуваат самоиницијативно на терен во зоните на ризик (Момин поток, Мостот Газела, Криви дол, Кејот на Вардар) и самите идентификуваат кој загадува, а во најголем број на случаи тоа се запалени диви депони, диви работилници, семјства на бездомници кои горат пластичнии материјали и хемикалии. Деталите ги пријавуваат во општината и до надлежните инспекции. За жал повторно без одговор“ - велат граѓаните. 


Тврдат дека покрај тоа што Општината дозволи да се изградат бројни нови станбени објекти (поголемиот број висококатници) и ги затвори каналите за природен проток на воздух деновиве се сведоци дека експанзијата е насочена и кон кејот на Вардар долж Булевар Илинденска. 

„Дополнително, Општината при ваква енормна градежна експанзија успева да ги потроши тие и парите кои граѓаните ги издвојуваат за даноци секоја година, па дополнително и се задолжува,  а ние како жители не само што немаме подобрени услови за живот, наспроти тоа истите се екстремно влошени.  Нашите следни чекори се мирни протести и поголема ангажираност на терен за што доследно ќе ја известуваме јавноста.  Се надеваме само дека нема да се исцрпат демократските и цивилизираните начини за разрешување на овој клучен проблем“ - додаваат револтираните граѓани.  

Сепак доколку изостане реакцијата и следни чекори од страна на Јакимовски и Општина Карпош, ќе бидеме истрајни проблемот да го ескалираме во континуитет се до неговото решавање, додаваат тие. 

Слично

Поврзани вести