Протест на „За заедничка Македонија“ - Не сме од шеќер да се стопиме
Иницијатива „За заедничка Македонија“ на поетски начин се обрати на своите следбеници порачувајќи им да не се плашат од дождот и лошите временски услови бидејќи не биле од шеќер па да се стопат.
„Дождот може да ги растопи оние кои се направени од шеќер, а не од титаниум. Дождот може да ги избрише оние кои оставаат траг од креда зад себе, а не оние кои го сочинуваат црвено-жолтото море. Дождот може да ги поколеба оние со волја прицврстена со лак за коса, но не и оние кои од секоја пора дишат за Македонија. Затоа, денес го предводиме Маршот на дождот“ стои во предпротестната поема.
Додаваат и дека не се откажуваат од намерите да спречат било какво усвојување на Тиранската платформа.
- Сите со челичната волја и бескрајната љубов за Заедничка Македонија. Сите со чадори од дома, за да го направиме најголемиот чадор во Македонија. Не ни требаат чадори од надвор, бидејќи народот е чадорот на унитарна Република Македонија, на нејзиниот Устав и мултиетничко општество. Народот е чадорот на волјата искажана на избори, и нема да дозволиме никој да ја лизга иднината на Македонија со платформи правени во соседни држави.
Протестите продолжуваат вечерва од 17:00 часот, а во петок ќе биде откриен нов план на делување.
