Протест ќе има за поддршка на поранешните водачи на ОВК - Мицкоски кажа какви мерки ќе преземат
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека одлуката на коалицискиот партнер од Вреди, Изет Меџити, да го поддржи маршот во организација на ДУИ, е погрешна и дека е донесена под притисок на организаторите со калкулација дека ако не го поддржи ќе изгуби политички поени.
„Владата не го поддржува и нема намера да го поддржи маршот, но секако ќе се погрижи сѐ да помине во најдобар ред, да нема инциденти, да не се случи нешто кое сите ние не сакаме да се случи“, изјави Мицкоски.
Тој им посочи на новинарите да го прашаат градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, за одлуката да го поддржи протестот за поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), во организација на ДУИ, кој ќе се одржи на 13 декември во Скопје.
Тој додаде дека за ова се информирани и нашите стратешки партнери.
Ќе има и кризен штаб кој ќе го следи сево ова 24 часа пред да се случи и откако ќе се случи.
Протестот е најавен за во сабота од 13 часот на плоштадот „Скендербег“. Демонстрантите ќе побараат ослободување на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели и други притворени од Специјализираните совети во Хаг.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
