Економија, финансии, бизнис

Контакт

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Адвокатската комора го осуди насилниот напад кој се случи ноќеска, на 25 ноември 2024 година, околу 3:30 часот по полноќ, кога непознато лице насилно влегло во Комората и предизвикало пожар. Како што соопштија од комората, пожарот брзо бил изгаснат од противпожарните екипи, но била предизвикана значителна материјална штета. 

Од таму ги повикуваат надлежните органи да дејствуваат брзо и ефективно за да се идентификуваат и приведат одговорните за овој напад.

„Најважно е што, благодарение на брзата реакција на надлежните, нема човечки жртви. Овој акт на насилство не само што претставува сериозна закана за безбедноста на вработените во институцијата, туку и на граѓаните кои живеат во непосредната близина на деловниот простор на Комората. Нападот врз Адвокатската комора не е само напад врз еден правен субјект, туку е напад врз целокупната адвокатура и правниот систем во Република Северна Македонија. Поради ова ја изразуваме нашата најдлабока осуда за ваквото насилство и нагласуваме дека ваквиот напад е апсолутно неприфатлив. Овој чин на насилство и вандализам е сериозна закана за јавната безбедност и правниот поредок во земјата, и не може да се оправда под никакви околности“, се нагласува во официјалното соопштение.

Инаку Адвокатската Комора се пресели во новата зграда во Порта Аеродром каде ноќеска се случил пожарот. Во тек е увид за да се утврдат причините за пожарот. Има информации за штета која допрва ќе се утврдува.

Претседател на Комората е Љубомир Михајловски-Џанго кој беше и поранешен министер за внатрешни работи до 2006-та година. Во запалениот простор се наоѓала и канцеларијата на Михајловски.

– Денеска (25.11.2024) во 03.16 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Методија Шаторов Шарло“ на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил опожарен стан – деловен простор на Адвокатската комора на РСМ. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема, потврдија и од полицијата.


Слично

Поврзани вести