ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА НАД 36 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ, НА ГОДИШНО НИВО СЕ ЗГОЛЕМИ - Еве какво беше движењето изминативе месеци
Државниот завод за статистика регистрираше раст на платите во земајва во споредба со истиот месец минатата година.
Имено, согласно најновите податоци на ДЗС, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во земјава, во август изнесувала 36.390 денари, што е за 14,2 отсто повеќе во однос на истиот месец лани.
Но, ако се споредува со два месеци претходно има намалување на просекот. За споредба, еве како се движела просечната плата изминативе месеци.
Имено во месец јули просечната плата изнесувала 36.286 денари, додека пак во месец јуни била уште повисока и достигнала 36.527 денари.
Во месец мај годинава просечната плата изнесуваше 36.465 денари, додека пак во април 36.134 денари.
Статистичарите пак објавија дека индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во август 2023 година, во однос на август 2022 година, изнесува 114,2.
- Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Административни и помошни услужни дејности (21,6 отсто), Образование (17,5 проценти) и Градежништво (16,5 отсто).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (3,8 отсто), Административни и помошни услужни дејности (3,3 проценти) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (2,3 отсто) - се наведува во соопштението од ДЗС.
