Пропаднат уште еден обид за старт на судењето на Мијалков и Јанкулоска
Не почна ниту денес рочиштето за случајот „Таргет – Тврдина“ кое на обвинителната клупа ги седна екс началникот на УБК Сашо Мијалков и екс министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска.
Како што пренесоа дел од медиумите причина за уште еден пропаднат старт се неисполнетите законските услови за да се одржи судењето, односно обвиниетите вчера ја доставиле листата на докази, но само во еден примерок.
Одбраната ветила дека уште денес ќе бидат доставени доказите во СЈО.
Бранителите на обвинитетите денеска ветија дека уште во текот на денешниот ден доказите ќе ги достават и до СЈО.
Мијалков е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањето и примање награда за противзаконито влијание. Во овој предмет се споени двете истраги на СЈО, а покрај Мијалков, обвинети се и поранешните началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, за злоупотреба на службената положба и овластувањето и за фалсификување службена исправа.
Обвинението е подигнато на ден 30 јуни оваа година, при што 4 лица се опфатени со обвинителен акт за кривичните дела Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“и „Фалсификување службена исправа“. Додека пак 8 лица се обвинети со обвинителен предлог за кривичните дела „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“,„Фалсификување службена исправа“ и „Примање награда за противзаконито влијание“.
Минатиот месец едно лице обвинето во овој случај ја призна вината и за него судењето заврши. На обвинетиот, чиј идентитет не се соопштува, му била изречена алтернативна мерка – условна осуда за помагање на сторител во извршено кривично дело. Судската постапка за ова лице беше завршена тајно поради заштита на неговата безбедност, бидејќи осудениот освен што ја признал вината, дал и придонес во докажувањето на делот со бришењето на логовите од прислушувањето во УБК.
Наредното рочиште е закажано за 17.јануари.
