Пропадна протестот за „Монструм“: Дали организаторот се мајтапи со полицијата?
Протестот за пресудата за случајот „Монструм“ денеска не се одржа иако беше пријавен во МВР, по што полицијата издаде и јавно соопштение кои улици ќе бидат затворени попладне од 13.30 часот па до завршувањето на собирот.
Организаторот Блерим Ахмеди на социјалните мрежи објави дека наводно МВР сакало да го доведе населението во заблуда со објавата за најавениот протест за денеска во 13.30 часот., но од полицијата ова го демантираат.
„Во интерес на вистината, МВР ја известува јавноста дека, како и за секој најавен протест каде е потребно блокирање на сообраќајници и пренасочување на сообраќајот, Министерството ги известува граѓаните за да бидат информирани и да го организираат своето движење.
Овој протест беше најавен токму од лицето Блерим Ахмеди и МВР ги презеде сите неопходни мерки и активности за обезбедување на протестот, а соодветно и ја информиравме јавноста“, соопштија од полицијата.
Инаку денеска еден од членовите на семејствата на осудените најави дека протест ќе има следната недела и дека не е дел од организаторите на оној кој требаше да се одржи денеска пред Владата.
