Пропадна аферата „Делчевски ниви“
Постапката за случајот „Делчевски ниви“ е сопрена од Обвинителството поради сменет исказ на член на еден од одборите на ЕВН, објави Радио Слободна Европа.
Петмина од седумте осомничени за ,,Делчевски ниви” лани завршија во притвор откако Обвинителството отвори истрага и побара мерки за обезбедување на осомничените. Притворите потоа беа заменети со поблаги мерки.
Овој пресврт значи и дека пропаѓа случајот со препродажбата на ниви во Источна Македонија, познат во јавноста како „Делчевски ниви“. Наместо предметот да се движи кон обвинителен акт, се урна благодарение на пресвртот што го направиле сведоци менувајќи го исказот. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје тврди дека немало друг избор освен да ја прекине постапката и да ја затвори истрагата.
Станува збор за земјиште во Делчевско што го купила „ЕВН електрани“ 40 пати поскапо од пазарната вредност. Лицата што ѝ ги продале нивите на компанијата ги добиле на подарок неколку недели претходно.
Меѓу осомничените се двајца поранешни управители на „ЕВН електрани“, како и еден поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Делчево.
Од седумте лица, како што објави ОЈО Скопје при отворање на истрагата лани, двајца се осомничени како соизвршители на кривично дело – измама во службата, а другите петмина се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело
